Опозициската Алијанса за Албанците го обвинува в.д. директорката на Комунална хигиена – Скопје Косана Николиќ-Мазнева дека отпуштила и ангажирала лица во претпријатието според нејзините симпатии, а не, според критериуми. Советничката на Алјансата за Албанците Бујаре Абази нагласи дека 112 лица кои останале без договори се дискриминирани поради националност.
– 112 семејства ги оставила надвор на улица. 112 семејства останаа без работа. Според кои критериуми ги оставивте? Навистина е срамно да речете тука дека има вишок вработени. Имавте вработени над 5 години, над 8 години. Има вработени кои не оделе на работа а сте им ги продолжиле договорите. За што е оваа одмазда? Според што сте се поврзале? Националност или според тоа дека жената што носи була да остане без работа? Ќе ви речам, вакво арогантно однесување не треба од ваша страна. Мене не ми е јасно како размислува оваа госпоѓа. Сте размислувале ли како кога сте отпуштиле маж и жена, кој ќе ги чува нивните деца? Јас не можам да разберам како барате нови вработувања, ако 112 вработени се оставени на улица“, кажа Бујаре Абази советничката на Алијанса за Албанците во Град Скопје.
В.Д. директорката на Комунална хигиена, Косана Николиќ-Мазнева, посочи дека вработени кои останале без ангажман си работеле приватни бизниси и не доаѓале на работа.
– Внимателно ја следев вашата дискусија и забелешки. Јас имам кажано за што станува збор, но ќе повторам, не ми е тешко. Јас кога дојдов во претпријатието имаше голема бројка на вработени. Месец дена се занимавам со оваа проблематика. Работите не одеа во вистински правец. Објаснете ми како за месец дена можат да се вратат 200 лица во претпријатието и истите да ја чинат фирмата 11 милиони денари и да не доаѓаат на работа? Јас ќе ви ги доставам списоците и листинзите да видите кого штитите. Во Комунално работат 1118 вработени. 150 се административци, 968 се оператива сосе помошно техничките лица. 207 се продолжени договори затоа што доаѓале на работа.. Има такви кои сме ги пуштиле иако не доаѓале на работа, пред да им истечат договорите.. имам над 200 опомени и замолници со директни укажувања да се приберат и да си ги зачуваат работните места во интерес на семејствата и претпријатието. Каде сте виделе, во која држава, да се тера приватен бизнис, да работат по четворица луѓе од семејство и да не доаѓаат на работа? Сигурно нема да дозволите ни вие. Не може тие што работат од 07 до 15 часот, да не ги спастриме и вработиме, а да ги пуштиме тие што не им се продолжени договорите, нагласи Николиќ-Мазнева.