Советниците изгласаа: Развоен Буџет за 2024 или „сркање на медот“?

од Nikola Popovski
381 прегледи

Нова година и нови препирки околу градскиот буџет. Град Скопје вчера го донесе буџетот за 2023 година, со 25 гласа „за“, еден „против“ и двајца „воздржани“. Од локалната самоуправа информираат дека е донесен развоен буџет со социјална компонента и со мерки за домаќинско и штедливо работење на градот. Изразија благодареност до Советот на град Скопје и конструктивноста на сите советнички групи. Од друга страна, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не го гласаше Буџетот, за кој велат дека е „најлошиот во историјата“, обвинувајќи ја, како што истакнуваат, коалицијата меѓу СДСМ ДУИ, Левица и Данела Арсовска.  -Добро е што граѓаните знаат, дека ова е коалиција на неспособни партии и луѓе, кои делат исти вредности, како криминал, корупција и арогантност. Очигледно сите заедно на куп, си обезбедија мед за цела година, а најмногу мед, секако ќе изеде, главната медарка, Данела Арсовска, порачуваат меѓу другото од ВМРО-ДПМНЕ.

Што мислат советниците за Буџетот? 

Дел од советниците во градскиот совет велат дека како група не биле консултирани во врска со доставениот буџет. Советникот од редовите на СДСМ, Гордан Шутаров во разговор за „Локално“ порача дека непосредно пред вчерашната седница дознале дека средствата во Буџетот и Програмите се за веќе постоечки проекти и проекти во фаза на реализација за кои во 2024 ќе пристигнат финансиски обврски, а тие проекти се започнати во периодот на претходната градска администрација и се клучни и битни за Градот Скопје.

Посакува во новата година, да се смени начинот на функционирање и делување во Советот на Град Скопје, пред се заради интересите на граѓаните.

-Ние како советничка група ќе продолжиме да делуваме одговорно и ќе поддржиме се што е во интерес на граѓаните на Скопје, посочува Шутаров.

Советникот апелира веднаш да продолжи проектот за Бас Рапид Транзит системот заедно со новиот концепт на јавен превоз.

-Да се освестат сите членови на Советот дека овој проект е спасот за јавниот превоз во Скопје. Да се завршат сите капитални инфраструктурни проекти за кои има обезбедено пари од страна на Владата, дециден е Шутаров.

Од друга страна, советничката на ЛДП, Теодора Радончиќ смета дека буџетот не ги задоволува потребите на градот, особено во делот на зелената агенда.

-За жал две години гледам дека колку и да влијаеме врз истиот со амандмани и иницијативи, истите остануваат на хартија, а градската власт си го реализира она што е зацртано. Сепак блокирање на истиот не е решение бидејќи хаосот ќе стане уште поголем, граѓаните ќе бидат повторно оштетени, а политичките препирања ќе продолжат, вели Радончиќ за „Локално“.

Во однос на „војната“ во Советот на Град Скопје и честите блокади, советничката оценува дека препирањата нема да запрат, а особено, како што вели, сметам дека ќе се влошат за време на предизборниот период, кога политичките превирања од централно ќе се префрлат и на локално ниво во Советот.

-Најголемиот проблем е дневно политичко собирање на поени, на сметка на нормалното функционирање на градот и интересите на Скопјани. Овој град има толку голем потенцијал, но со години е заглавен во лоши стратегии, политички и лични интереси. Жално е што проекти кои се добри, кои функционираат и кои ќе помогнат за хуман и квалитетен живот на Скопјани не се реализираат само поради инатење и политика. Ако нештото е добро и корисно зошто да не се реализира без разлика кој го започнал или иницирал? Кога станува збор за доброто на граѓаните партиските бои треба и мора да се тргнат. Скопје овие две години тапка во место, наместо да оди напред, децидна е Радончиќ.

За тоа кои се најитните проблеми со кои треба да се зафати градската администрација, советничката вели на прво место е аерозагадувањето.

-Со години зборуваме за преземање на мерки, зборуваме за влијанието на здравјето на граѓаните, а сепак се останува на празен муабет, секоја зима е се полошо и полошо. Од каде може да почнеме? Организиран зелен јавен превоз и дестимулирање на користење на авотомобили. Кога би имале функционален јавен превоз, кој ќе го поврзува целиот град, кога ќе имаме мрежа на велосипедски патеки и реализирање на идејата за пешачка зона во централното градско подрајче, тогаш нема да гледаме секојдневно сообраќаен колапс, а загадувањето значително ќе се намали. Следно е централното греење, како е можно толку новоизградени станови да не се поврзани на централно греење? Мрежата треба да се прошири и да се мотивираат или можеби да се наложи секое домаќинство кое има пристап до топловодна мрежа задолжително да се приклучи на истата. Потоа стратешко зазеленување со високо стрбелесто зеленило, наместо ниско стеблести грмушки и создавање на еден зелен појас од паркови по примерот на големите градски метрополи кои активно зазеленуваат се поголеми површини како борба против аерозагадување и глобално затоплување, објаснува соговорничката.

Н.П.

Слични содржини