Советниците на Левица во Град Скопје поднесоа иницијатива за формирање на градско енергетско претпријатие

-Со ова решение, Градот ќе може сам да произведува дел од потребната електрична енергија, да ги снабдува своите институции по минимални цени и да продава вишок на пазарот, со што ќе обезбеди нови приходи, стои во предлогот на советниците

од Nikola Popovski
54 прегледи Фото: Левица

Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе иницијатива за формирање на градско енергетско претпријатие „Енергија Скопје“ ДООЕЛ, чија цел е Градот Скопје конечно да ја намали зависноста од скапото купување електрична енергија и да обезбеди сопствено производство од обновливи извори. Оттаму појаснуваат дека Градот Скопје и јавните претпријатија во моментов плаќаат огромни износи за струја.

-Наместо средствата да се трошат на комунални услуги, инфраструктура и подобар јавен превоз, тие завршуваат во надворешни снабдувачи. Со ова решение, Градот ќе може сам да произведува дел од потребната електрична енергија, да ги снабдува своите институции по минимални цени и да продава вишок на пазарот, со што ќе обезбеди нови приходи. Ова е стратешки проект кој обезбедува долгорочна стабилност и независност, а не краткорочна мерка, потенцираат советниците.

Укажуваат дека градот има огромен неискористен потенцијал, кровови, објекти и локации каде може да се развијат фотоволтаични централи и системи за складирање енергија.

-Затоа очекуваме мнозинството во Советот, предводено од ВМРО–ДПМНЕ, да ја поддржи иницијативата ако навистина им е приоритет јавниот интерес. Ова не е партиска идеја, ова е решение кое му користи на целиот град. Одбивањето на оваа иницијатива би значело дека некој става политички интерес пред интересот на скопјани, и дека не се сака долгорочно решение за намалување на трошоците, модернизација и енергетска независност, стои во барањето на советниците од Левица.