Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Советот на Град Скопје поднесе 14 амандмани на ребалансот на буџетот на градот.
-ФК Вардар повеќе од 75 години е поим за спорт во Скопје, тој со децении го промовира градот во државата, но и надвор од неа. Клубот заради проблемите во кој се најде се соочува со финансиски потешкотии и веќе Втора година по ред игра во втора лига. Вардар има реални шанси да се врати во Првата лига, но за да може истото да го оствари потребни му се финансиски средства за да ги издржи сите трошоци до крајот на натпреварувачката сезона. За таа цел со амандман предвидуваме 15 милиони денари за клубот.
Втор амандман за спортот е давање средства за реконструкција на стадионот на ФК Напредок, кој заради лошата состојба во која што се наоѓа не може да се користи ниту за тренинг, ниту за играње на натпревари, велат советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата смета дека е потребно да продолжат работите на Универзална сала, и со таа цел предвидуваме одвојување на 15 милиони денари за реконструкцијата на Универзална сала, која е еден од симболите на градот.
-Покрај за спортот, културата и социјалната заштита Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата предвидува и неколку амандмани со цел создавање на квалитетна инфраструктура. За таа цел предвидуваме одвојување на 10 милиони денари за изградба на монтажна катна гаража во Општина Карпош, 20 милиони денари за реконструкција и санација на улицата Христо Татарчев, што ќе значи реконструкција и санација на коловозот, пешачките патеки и фекалната канализација. Предвидуваме и 10 милиони денари за улицата Перо Наков, која е една од најфреквентните улици во Гази Баба и претставува единствено место за влез и излез на жителите на Ќерамидница.
Ги повикуваме сите советници во Советот на град Скопје да ги поддржат овие амандмани, бидејќи тие се со цел развој на Скопје, со овие амандмани се опфатени скоро сите области од живеењето во градот и сите делови од истиот, посочуваат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.