Советник на Зеленски: Украина нема никаква врска со експлозиите на Крим

од Stefanija Kuzmanovska
202 прегледи

Советникот на украинскиот претседател Зеленски, Михаило Подољак, ја отфрли одговорноста на Киев за серијата експлозии во руската воздухопловна база Саки на Крим, пренесува „Ројтерс“.

На прашањето дали Украина ја презема одговорноста за експлозиите што се случија во вторникот, Подољак одговори – „Се разбира дека не. Што имаме ние со тоа?“.

Подољак рече дека причината за експлозиите би можела да биде руската неспособност, а ја истакна и можноста дека станува збор за саботажа од герилци.

„На луѓето кои живеат под окупација им е јасно дека таа е при крај“, рече Подољак.

Според локалните власти на Крим, во експлозиите загинал еден цивил, а осуммина се повредени.

Очевидци тврдат дека слушнале 12 експлозии во базата на западниот брег на полуостровот, кој беше анектиран од Русија во 2014 година.

Руското министерство за одбрана соопшти дека не се работи за напад, туку за експлозија во складиште за авионска муниција.

Слични содржини