Советникот на американскиот претседател Џо Бајден Амос Хохштајн пристигна во ненајавена посета на Бејрут, каде порача дека Вашингтон не сака војната во Газа да се прошири и во Либан.
Хохштајн дојде во ненајавена посета на Либан за да разговара за чувствителната ситуација со претседателот на либанскиот парламент Набих Бери и преодниот премиер Наџиб Микати.
По средбата со Бери, тој им рече на новинарите дека враќањето на мирот долж јужната граница на Либан е од „најголема важност“.
Хохштајн рече дека Бери изразил загриженост за тензиите долж либанско-израелската граница, каде што борците на екстремистичката група Хезболах и нивните сојузници разменуваат оган со израелските војници веќе еден месец од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.
„САД не сакаат да видат ескалација на конфликтот во Газа и да се прелее во Либан“, рече Хохштајн.
Тој пристигна во Либан на денот кога беа погребани една Либанка и нејзините три внуки, убиени пред два дена во израелски напад и за време на обновената размена на оган меѓу израелската армија и Хезболах по нападот на израелски воен пункт на границата.
Израел смета дека проиранскиот шиитски Хезболах е најголемата непосредна закана и проценува дека има 150.000 ракети насочени кон Израел. Организацијата има и разни видови беспилотни летала и ракети земја-море.