Советникот на Урсула фон дер Лајен: Жителите на земјите од ЕУ треба да складираат храна

од Milan1
146 прегледи

Жителите на земјите од Европската унија треба да складираат храна и основни намирници во случај на војна и руска агресија или некоја друга вонредна ситуација, се вели во најновиот извештај на специјалниот советник на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Извештајот за цивилната и воената подготвеност на Европа го составил поранешниот фински претседател Саули Нинисто во својство на специјален советник, објави денеска „Њузвик“.

Во извештајот се посочува дека ЕУ не била подготвена за пандемијата „Ковид-19“, како и за руската агресија врз Украина и дека треба „од фазата на реакција да премине во состојба на проактивна подготвеност“.

Во извештајот не се наведува дека руската агресија е единствената можна закана, но се истакнува дека таа е најголема.

„Немаме јасен план што треба да направи ЕУ во случај на вооружена агресија врз една нејзина членка. Заканата од руската војна против европските безбедносни сили не принудува да го ставиме ова прашање во центарот на нашата подготвеност за ваква ситуација, без да ги занемариме нашите подготовки за други големи закани“, се вели во извештајот на специјалниот советник од 165 страници која Фон дер Лајен го поднела во средата, пишува медиумот.

Во рамките на оваа стратегија, ЕУ треба да ги советува домаќинствата да бидат подготвени за во случај на вонредна состојба да издржат најмалку 72 часа со достапните залихи.

Поради оваа причина, жителите на земјите од ЕУ треба да складираат основни потреби, а на членките на ЕУ им се советува да им дадат на своите граѓани насоки за складирање, евакуација и начини да стигнат до службите за итни случаи.

Во последниот извештај се посочува дека е неопходно да се набават залихи од храна, вода за пиење, лекови, како и батериски ламби и радија на батерии, пренесува „Танјуг“.

Целта на овие совети, според написите, е да ги подготват граѓаните на ЕУ за вонредни ситуации како што се нови пандемии, екстремни временски настани или вооружена агресија.

Слични содржини