Советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак, изјави дека војната со Русија може да трае и до половина година.
„Ова може да потрае уште два до шест месеци“, рече Подољак во интервју за опозицискиот руски портал „Медуза“, пренесува „Хина“.
Тој рече дека клучен фактор за времетраењето на војната е количината на залихи на оружје, а другиот е расположението во Европа, Украина и Русија, кое може да се промени со текот на времето.
Мировните разговори би можеле да се одржат само ако ситуацијата на теренот се промени и Русија повеќе не чувствува дека може да диктира услови.
Тој предупреди дека територијалните отстапки за Русија нема да ја завршат војната. Некои градови, како Мариупол и сега Северодонецк, каде што се водат најжестоките борби, всушност веќе не постојат, рече тој.
Подољак ги процени досегашните загуби на Русија на вкупно 80.000 луѓе. Тука спаѓаат загинатите и ранетите од редовната армија, сепаратистите и членовите на платеничката група Вагнер.
Тој рече дека по катастрофалната почетна фаза од војната за Москва, со и до 1.000 мртви дневно, сегашните загуби на руските и украинските војници се „споредливи“.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски неодамна изјави дека украинските загуби се до 100 мртви и 500 ранети дневно.