Северна Македонија постигна значителен напредок во правната заштита на правата на националните малцинства преку подобрување на своите политики, но неопходно е да се подобри нивната практична примена, оцени Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа.
Во мислењето објавено денеска се наведува дека меѓуетничките односи се подобрени, но дека голем проблем е говорот на омраза, особено на интернет.
„Иако меѓуетничките односи се подобрени, поделбите по етничка и јазична линија излегуваат на површина во моменти на криза“, се наведува во мислењето, нагласувајќи дека е потребна поголема политичка поддршка на високо ниво и солидно финансирање за да се обезбеди одржливост на стратегијата „Едно општество за сите“.
Евидентирани се неколку случаи на прекршување на човековите права од страна на полициските власти, а санкциите против полициските службеници се ретки, констатира Комитетот и повика на поефективни истраги за злосторствата од омраза и говор на омраза и зајакнување на механизмите за следење на полициското однесување.
„Правната рамка за борба против говорот на омраза и злосторствата од омраза е дополнително подобрена, но нејзиното спроведување сè уште е незадоволително и говорот на омраза, особено на интернет, е сериозен проблем“, оценува Комитетот на Советот на Европа.
Според тоа тело, македонските власти продолжуваат да ја применуваат Рамковната конвенција првенствено за националните малцинства наведени во Уставот – Албанците, Бошњаците, Ромите, Србите, Турците и Власите, со одредена флексибилност применета во однос на непризнаените групи.
Комитетот на Советот на Европа даде неколку препораки со цел поголема еднаквост и антидискриминација, заштита на националните малцинства од непријателство и насилство, промоција на нивната култура, подобрување на образованието и застапеноста во медиумите и нивните јазични, работнички и станбени прашања и права.
Комитетот наведе дека мешаните училишта и паралелки сè уште се исклучок и дека е неопходно да се залага за интеркултурен пристап, вклучувајќи обука на наставници и ученици за културите и историјата на различните малцинства и поредовни контакти меѓу учениците од различно етничко потекло.
Во мислењето се забележува дека децата Роми сè уште имаат значително пониски образовни резултати и дека властите треба да го зголемат уписот на овие деца во предучилишните установи и да го подобрат нивниот пристап до квалитетно образование.
Комисијата укажа и на големата празнина меѓу „амбициите“ на Законот за употреба на јазиците кога станува збор за албанскиот јазик и практичната состојба во администрацијата и судовите.