Советот на Европа: Време е ЕУ да ја забрза интеграцијата на Западен Балкан

од Nikola Popovski

Помина премногу време од Дејтонскиот договор и ветувањето на лидерите на ЕУ во Солун дека ќе ја отворат вратата за Западен Балкан, а сега е време ЕУ да го забрза тоа бидејќи има губење на надежта и разочарување во регионот, соопшти денеска Парламентарното собрание на Советот на Европа (СЕ).

Резолуцијата, образложена од грчкиот пратеник Јоргос Папандреу и усвоена од Комитетот за политички прашања и демократија на СЕ, бара „ЕУ да го забрза процесот на интеграција на Западен Балкан со продолжување на преговорите со Србија и Црна Гора и започнување преговори за членство со Албанија и Северна Македонија, да и даде кандидатски статус на Босна и Херцеговина и да воведе безвизен режим за народот на Косово“.

Долго време од неисполнетите ветувања на ЕУ, се наведува во документот, „предизвика разочарување, губење на надежта, поттикна етноцентрични аспирации и националистички копнежи, што ја поткопа убедливоста, довербата во ЕУ кај јавноста во регионот и го отвори патот за други геополитички фактори“.

Пред пратениците на Парламентарното собрание на Советот на Европа се обрати и европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, но отворена и директна дискусија се одржа зад затворени врати, па ништо за содржината не беше објавено, изјавија официјални лица блиски до Вархеи за новинската агенција Бета во Брисел.

Во резолуцијата на Одборот на Парламентарното собрание на СЕ се истакнува дека „поддршката за демократските реформи, помирувањето и добрососедските односи на Западен Балкан се од суштинско значење за мирот, безбедноста и демократската стабилност во цела Европа“.

Затоа, како што се подвлекува, мора да се даде зголемена поддршка за воспоставување демократски институции, зајакнување на владеењето на правото, борба против корупцијата, развивање посилна демократска култура со учество на сите актери, јавна администрација во согласност со европските норми.

Беше посочена и важноста од поттикнување на активно учество на жените во политичкиот живот и одлучувањето, заштитата на националните малцинства и спречувањето на радикализација и насилен екстремизам.

Резолуцијата ги повикува телата на СЕ да придонесат за таквиот реформски процес и се нагласува да се понудат опипливи методи за поддршка на „јасната европска перспектива на Западен Балкан“.

Слични содржини