Советот на Град Скопје ја усвои одлуката за заеднички инспекциски надзор помеѓу општините

371 прегледи

Советот на Град Скопје денеска ја усвои предлог-одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка со општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари за заедничко вршење на надлежностите од областа на инспекцискиот надзор.

Меѓуопштинската соработка ќе се врши преку здружување на човечките ресурси и нивно ефективно и рационално ангажирање и искористување, при што инспекцискиот надзор ќе го врши Градот, а општините ќе ги стават на располагање на градот сите инспектори и комунални редари вклучително и материјални средства. При остварување на меѓуопштинската соработка во надлежностите од инспекцискиот надзор, Градот ќе ги координира активностите на сите инспектори и комунални редари и ќе ги овозможи сите потребни услови за непречена реализација во остварувањето на инспекцискиот надзор.

На ваквата предлог-одлука денеска на седницата реагираа советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои сметаат дека нема законски основ за носење на ваква одлука. Велат дека според одредбите во одлуката, не се работи за воспоставување меѓуопштинска соработка, туку се работи за противзаконско преземање на општините од страна на Градот Скопје.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов рече дека нема никаква законска пречка за да биде постигнат ваков договор на меѓуопштинска соработка.

– Ова е квалитет напред во постапувањето на инспекциските служби на ниво на единицата на локална самоуправа со скромните законски и човечки можности кои ги имаме. Сега во моментов со постигнување на овој договор ние во оператива ќе имаме 115 луѓе на територија на целиот град кои ќе бидат координирани од едно место, односно инспекторатот на Град Скопје. Законот тоа го дозволува, рече Шилегов.

На почетокот на седницата се верификуваше мандат на новиот член на Советот на Град Скопје – Нора Муамеди Зекири која доаѓа на местото на прерано починатиот советник и заменик-градоначалник Енвер Малиќи.

Советничката Драга Велковска побара од дневен ред да биде тргната предлог-одлуката за давање согласност на Одлуката за измена на Ценовникот на услугите кои што ги извршува ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, но Советот не го прифати барањето.

– Драстичното покачување на месечните карти – од 800 и илјада денари на две илјади денари за вработени кај правни субјекти кои со своето седиште гравитираат кон јавните паркиралишта под надлежност на градот, што е покачување за 150 проценти, односно за 100 проценти – значи абнормален и крајно непотребен товар врз работниците. Ако го земеме предвид намалувањето на платите, отпуштањето работници во сите сектори, оваа одлука претставува дополнителен свиреп удар за нив и им го отежнува и онака тешкиот и стресен период од нивните животи, образложи Велковска.

Советот на денешната седница донесе повеќе одлуки, меѓу кои одлуката за проширувања на средствата во буџетот за 2020 година, одлуката за внатрепна организација на Град Скопје, одлуката за примање донација од Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ

Слични содржини