Советот на Општина Куманово ја одби расправата за ретроактивното оданочување на поранешни работници во Ирак и Авганистан

Мнозинството во Совет на Општина Куманово не прифати на дневен ред да се стави точка за проблемите со кои се соочуваат кумановските граѓани што работеле во американски бази во Ирак и Авганистан, а кои се однесуваат на ретроактивното оданочување.

од desk4
19 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Општина Куманово

Иницијативата за отворање расправа била поднесена од засегнатите граѓани, како и од советниците на „Ред за Куманово“, но била одбиена со образложение дека Советот нема надлежност да одлучува по ова прашање и дека станува збор за ингеренција на Управа за јавни приходи.

Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, предложи градоначалникот Максим Димитриевски да даде информација за проблемот, имајќи предвид дека претходно остварил средба со печалбарите. Овој предлог предизвика реакции кај опозициските советници, кои оценија дека доколку Советот нема право да расправа за темата, истата можност не треба да му се дава ниту на градоначалникот.

„Доколку градоначалникот сака да го соопшти тоа што го знае, нека свика прес-конференција. Вака ќе прави политичка промоција пред нас и пред јавноста“, изјави координаторот на советничката група на СДСМ, Томица Илиќ.

Дел од советниците укажаа и дека со ваквата постапка се прекршува Деловникот за работа на Советот, но претседателката не го прифати тој став и му даде збор на градоначалникот.

Потоа, предлогот на советникот Иван Петковски за дополнување на дневниот ред со точка за ретроактивното оданочување беше ставен на гласање, но не доби поддршка. „Против“ гласаа 17 советници, „за“ беа 12, а двајца останаа воздржани.

Поранешните работници во Ирак и Авганистан повеќе од две недели протестираат пред Управата за јавни приходи, барајќи решение за даночните обврски, а за помош се обратија и до градоначалникот и до Советот на Општина Куманово.