СП предлага сеопфатна македонска Платформа

од desk2
73 прегледи

Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) денеска објави иницијатива за изработка на сеопфатна македонска Платформа за одбраната на виталните национални и државни интереси. Партијата ги повика сите политички субјекти во Македонија да се вклучат во изготвувањето на ваква платформа.

СПМ, како што стои во текстот објавен на нивната веб-страна, е длабоко загрижена за судбината на државата и повикува на обединување на македонскиот народ и другите заедници во Република Македонија, кои си ја сакаат и почитуваат оваа држава во која живеат, да го поддржат изготувањето на сеопфатна, конкретна и прецизна Платформа.

Документот, според СПМ, мора да биде во согласност со Уставот и во него мора да бидат наведени сите прашања кои се однесуваат на нашето внатрешно уредување, безбедносниот карактер, функционирањето на институциите, јазикот, името, културата, историјата, економијата и надворешната политика.

„Во таа Платформа мора да бидат наведени сите црвени линии преку кои никој во земјата не смее и не може да премине. СПМ подвлекува дека особена одговорност за овие прашања имаат двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои предводат две големи коалиции. СПМ е подготвена да организира средби од кои ќе произлезат усогласени решенија за Платформата“, се наведува во текстот.

Од партијата инсистираат иницијативата да биде итно разгледана во двете политички партии и во рок од пет дена да бидат известени за нивната согласност по што би пристапиле кон понатамошни подготовки.