По насилниот прекин на телевизиската програма на еквадорската телевиција ТЦ во Гвајакил, еквадорскиот претседател Даниел Нобоа им „објави војна“ на терористичките организации, а владата на Перу прогласи вонредна состојба долж нејзината северна граница со Еквадор.
Претседателот Даниел Нобоа, веднаш по насилната инвазија на ТВ-програмата, изјави дека во Еквадор има голем број организирани криминални групи, кои ги означи како терористички организации, нагласувајќи дека им наредил на вооружените сили да спроведат воени операции за неутрализирање на овие групи.
Нобоа, потпишувајќи декрет за класифицирање на 22 криминални банди како терористички организации, изјави дека земјата е во внатрешен вооружен конфликт.
Во соопштението за медиумите на еквадорската полиција се наведува дека тројца полицајци кои биле киднапирани од членови на банда биле спасени во акција во Макала, а операциите за ослободување на останатите полицајци и чувари продолжуваат.
Локалните медиуми објавија дека членовите на бандата држеле повеќе од 130 затворски чувари како заложници и убиле некои од нив.
Вонредна состојба е на сила и во Еквадор поради бегството од затвор на водачот на озлогласена криминална група Адолфо Масијас Виљамар, познат како Фито, по што беа киднапирани најмалку седум полицајци.
Серија експлозии, исто така, беа пријавени низ целата земја, додека избувнаа немири во најмалку шест затвори, при што некои затвореници земаа голем број затворски чувари како заложници и им се заканија дека ќе ги убијат доколку војниците бидат распоредени да ја вратат контролата врз затворските објекти.
Групата на Фито, меѓу другото, е осомничена и за убиство на претседателски кандидат во Еквадор.