Спасовски: Додека сум министер ниедно право нема да укинам, посебно не на жените

од Radmila Tasevska
252 прегледи

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва на новинарско прашање во врска со поднесената иницијатива пред Комисијата за заштита од дискриминација од страна на синдикатот во која се наведува дека не само жените туку сите треба да добијат паричен надоместок, изјави дека ниту едно право што го дал некому нема да го укине, а посебно не на жените.

-Ние преговаравме со репрезентативниот синдикат за склучувањето на  нов колективен договор. Во тој колективен договор кој што го потпишавме имавме низа на нови права кои што ги дадовме на полициските службеници. Ние сметавме дека колешките кои ќе имаат новороденче, треба да ги стимулираме и да им дадеме по сто евра во денарска противредност. Тоа веќе функционира. За жал, еден од раководството на Независниот синдикат поднесе иницијатива пред Комисијата за заштита од дискриминација, сметајќи дека не само жените туку сите треба да добиваат по сто евра. Имаме насока да се укине оваа поволност во колективниот договор, изјави Спасовски за време на работната посета во ЕВР Гази Баба.

Тој информираше дека работната група седна да разговара со Синдикатот во однос на тоа како да се изнајде решение. Како што рече, има укажување од Комисијата за дискриминација дека треба да се укине ова право.

-Јас го соопштив тоа и сега јавно кажувам дека додека сум јас министер, ниту едно право што го имам дадено на некого, а посебно на жените, јас нема да го укинам. Ги вратив назад претставниците да бараат нови решенија, кои што ќе значат можност за зголемување на правата, но не за укинување, додаде Спасовски.

Слични содржини