Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на денешниот новогодишен брифинг со медиумите изјави дека, еволуцијата на криминалот сега доаѓа без лице и без идентитет.
„Последните месеци од годината бевме сведоци на еден современ феномен на хибридни напади, кои покрај државите во регионот, други земји од Европа, вклучувајќи ги тука и САД, Канада, Нов Зеланд, не ја заобиколија ни нашата држава. Еволуцијата на криминалот, кој сега доаѓа без лице и без идентитет, ги брише границите и има способност во исто време да е на повеќе места, бара поагресивен заеднички одговор. Притоа, станува збор за исклучително комплексни истражни дејства поврзани со меѓународна размена на информации и поддршка, како и со барања за мeѓународна правна помош. А благодарение на вас, медиумите, на вашето навремено и брзо информирање, кои заедно со граѓаните создадовте широк фронт во кој сите сме партнери, креаторите на оваа хибридна војна не успеваат во целта – да создадат паника, страв и крах на системот. Затоа, ова ќе ни остане еден од врвните приоритети и во идната 2023 година“, рече министерот.
Тој додаде дека приоритетен интерес за приклучување во европските структури налагаше и поголем број активности кои ќе донесат поголема видливост на државата на меѓународната сцена и добри односи со другите држави.
„Нашиот приоритетен интерес за приклучување во европските структури налагаше и поголем број активности кои ќе донесат поголема видливост на државата на меѓународната сцена и добри односи со другите држави. Во таа насока е приклучувањето кон меѓународни безбедносни иницијативи и регионални асоцијации, пред сè, од областа на внатрешните работи, како и продлабочена соработка, на ниво на полиции и институции, согласно она што предмалку го напоменав – брза размена на податоци околу новите форми на криминал со кој се соочува светот“, изјави Спасовски.