„Сакам да го поздравам тоа што МВР започна со обуките и тестовите за интегритет, што значи исполнување на уште една препорака на ГРЕКО, а којашто оди во насока на зајакнување на човечките капацитети и зголемување на свесноста колку е интегритетот важен, особено за вакви професии”, изјави Грковска по средбата.
Министерот за внатрешни работи Спасовски информираше дека при посетата на ЕВР Гази Баба, беше брифиран од раководството за постигнатите резултати во текот на 2023 и за приоритетите кои следат во 2024.
„Сакам да истакнам дека сите резултати кои се постигнати на територија на ЕВР Гази Баба, која опфаќа 200.000 жители, се вклопуваат во генералниот амбиент на безбедносната состојба – мирна, стабилна и без индиции на нарушување. Второ, имаме намалување на криминалитетот и зголемување на ефикасноста. Овде имаме малку поголема ефикасност од просекот во другите СВР-а. За одбележување е дека имаме намалување на нарушувањата на јавниот ред и мир, меѓутоа и огромната откривачка активност во делот на нарушителите на јавен ред и мир”, рече Спасовски, додавајќи дека над 90% од нарушителите на јавниот ред и мир се откриени.
Тој ја потенцираше и големата ефикасност во откривањето на сторителите на кривичните дела на ова подрачје.
„Трета работа, што е исклучително важна за сите нас – немаме нарушување на јавен ред и мир, насилства или друг вид на конфликти кои што доаѓале помеѓу ученици поради меѓунационалните односи. Оваа година практично немаме ниту еден ваков настан, што е исто така за одбележување, и тоа треба да ни биде пример и за понатаму. Секако дека ЕВР Гази Баба од пред една година го има објектот, еден – би рекол – од најубавите објекти, го реконструиравме и тоа е еден од 80-те објекти коишто по сите стандарди за енергетска ефикасност, заштита на животна средина, е реконструиран и на тој начин обезбедивме добри услови за работа на полициските службеници, меѓутоа и добри услови за остварување на правата на граѓаните, за сите коишто гравитираат кон ЕВР Гази Баба”, изјави Спасовски, упатувајќи им порака ова да биде мотив на сите, а посебно за полициските службеници да продолжат со реализацијата на стратешките приоритети на МВР и идната 2024 година да работат повторно во намалување на криминалитетот и зголемување на ефикасноста, како единствени релевантни мерливи статистички податоци коишто ја покажуваат активноста на МВР.