Спасовски на Конгрес на МАЕИ: Активно придонесувате за подигање на свесноста за македонскиот идентитет

од Radmila Tasevska
230 прегледи

Македонската алијанса за европска интеграција придонесува кон континуираното подигање на свеста за посебниот македонски идентитет – позиција изградена низ децениите заеднички соживот, добрососедство, солидарност и уважување како реален респектабилен доказ како треба да се гради и развива граѓанското општество, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на четвртиот Конгрес на оваа политичка партија во Корча, Албанија, на покана од претседателот Васил Стерјовски.

Според Спасовски, Македонската алијанса за европска интеграција, создадена во 2004 година во Тирана како прва и единствена македонска партија во Албанија што ќе се грижи за положбата и правата на Македонците во оваа држава, создава традиција на активно политичко делување, ширејќи го духот на пријателството и зближувањето меѓу двете држави.

-Македонската алијанса за европска интеграција се изродила како производ на соработката на претставниците на бројни македонските здруженија кои активно работат во Албанија, како што се Заедницата на Македонците во Албанија, Политичкото друштво МИР од Тирана, Друштвото Преспа од Пустец, Македонско-Егејското друштво МЕД од Врбник и Друштвото Гора од Кукс, при што е востановена и основната цел на оваа партија, а тоа е зачувување на правата, социјалните, политичките и етнокултурните интереси на сите државјани на Албанија кои по националност се Македонци, кои се идентификуваат преку мајчиниот македонски јазик, преку обичаите и традициите наследени и зачувани со векови, рече Спасовски.

Спасовски потенцираше дека е големо значењето на Македонската алијанса за европска интеграција имајќи предвид, како што посочи, дека таа ја негува и соработката меѓу заедниците кои живеат во Република Албанија, преку почитување на нивните етнички, јазични и културни права, паралелно грижејќи се за зачувување на најбитните белези на Македонците во Албанија, а тоа без сомнение се националната припадност, културата, обичаите, традицијата, јазикот, фолклорот и друго.

-На тој начин, вие активно придонесувате за континуирано подигање на свесноста за посебниот македонски идентитет – позиција изградена низ децениите заеднички соживот, добрососедство исполнето со лојалност, меѓусебна почит, добронамерност, солидарност и уважување, како реален респектабилен доказ како треба да се гради и развива граѓанското општество. Оттука и нашата безрезервна поддршка кон сите вас, затоа што континуирано придонесувате во негувањето на таа шареноликост, а што е уште поважно – во градењето на заедништвото кое влечејќи корени од минатото, сѐ појасно ја зацртува нашата заедничка европска иднина. Ние остануваме и понатаму отворени за што поактивна соработка со вас, изнаоѓање решенија за предизвиците со кои се соочувате, користејќи ги сите расположливи механизми, како што се нашите средби за време на моите посети на Албанија, заедничките седници на Владите на Северна Македонија и Албанија, кои претставуваат можност за иницирање на решенија за проблемите на македонската заедница во Албанија, но и придобивките кои ќе ги овозможи Отворен Балкан со понатамошна реализација на предвидените активности, истакна Спасовски.

Слични содржини