Во текот на минатата недела, пред медиумите презентиравме еден случај во кои има основани соменевања дека вработени во Министерството за внатрешни работи направиле злоупотреба на службената положба, а денес пред јавноста ќе презентираме уште еден таков случај, информира техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Фактите кои денес ќе ги презентираме говорат за две клучни работи:
– првата е апсолутната негрижата на Оливер Спасовски за стандардот и опремата на полициските службеници, а
– втората за сериозни прекршувања на процедурите и нови индиции за злоупотреба на службената положба, овој пат повторно во постапки поврзани со јавни набавки во Министерството за внатрешни работи.
Пред да преминам на главните работи на кратко ќе напоменам дека станува збор за јавна набавка за чизми за полициските службеници за чие спроведување е донесена одлука во 2015 година, целата постапка за спроведување на јавната набавка е реализирана во период кога со министерството за внатрешни работи раководи поранешниот министер Оливер Спасовски.
Всушност, на почетокот на 2016 година од страна на МВР е објавен оглас за јавна набавка на 3.000 пара полициски чизми во вредност од 15 милиони денари. На огласот биле доставени три понуди. По извршената евалуацијата од страна на комисијата било утврдено дека две понуди не ги исполнуваат условите, при што комисијата како прифатлива ја оценува само една од трите добиени понуди. По завршување на целосната постапка во април истата година со конкретната компанија чија понуда е оценета како прифатлива се склучува договор за набавка на 3000 пара полициски чизми во вредност од 14.840.000 денари.
ВО ДОГОВОРОТ Е УТВРДЕН РОК ЗА ИСПОРАКА НА ЧИЗМИТЕ ОД 60 ДЕНА ПРИ ШТО Е НАВЕДЕНО ДЕКА ДОКОЛКУ ЕКОНОМСКИОТ ОПЕРАТОР НЕ ГИ ИСПОРАЧА ИСТИТЕ ВО ОВОЈ ДОГОВОРЕН РОК, ДОГОВОРОТ СЕ РАСКИНУВА СОГЛАСНО СО ЗАКОНОТ И ОД СТРАНА НА МВР СЕ АКТИВИРА БАНКАРСКАТА ГАРАНЦИЈА.
РОКОТ ЗА ИСПОРАКА НЕ Е ИСПОЧИТУВАН, НО НИТУ ДОГОВОРОТ НЕ Е РАСКИНАТ, А НЕ Е АКТИВИРАНА БАНКАРСКАТА ГАРАНЦИЈА, ТУКА ПОСТАПКАТА ЗА ИСПОРАКА ЗА ЧИЗМИТЕ ПРОДОЛЖИЛА ВО ПОНАТАМОШНАТА ФАЗА.
Понатаму, врз основа на овој договор кој веќе требало да биде раскинат економскиот оператор побарал од министерството внатрешни работи да направи контрола на квалитетот на чизмите кои биле предмет на договорот. Веднаш по доставување на барањето од страна на стручните служби во Министерството за внатрешни е направена потребната контрола и примерокот е доставен до независна акредитирана лабораторија која констатира дека според испитуваните параметри истиот не ги задоволува барањата од техничката спецификација на МВР по 4 критериуми. Врз основа на констатација на лабораторијата стручните работници кои работат контрола на квалитет го информираат одделот кој е задолжен за спроведување на јавната набавка дека НЕ СЕ ИЗДАВА СОГЛАСНОСТ ЗА ИСПОРАКА на конкретната стока поради отстапувања наведени во сертификатот. Во исто време и економскиот оператор, односно компанијата со која е склучен договорот прави независна контрола на квалитет во друга странска акредитирана лабораторија и тој извештај повторно покажува отстапување по одредени параметри.
Јавноста треба да знае дека согласно со законот во овој случај Министерството за внатрешни работи имало обврска да го раскине договорот, да наплати банкарска гаранција и да спроведе нова постапка за јавна набавка на полициски чизми. Но ниту го раскинало договорот, а не можело да ја наплати банкарската гаранција, бидејќи поради доцнењето во испораката банкарската гаранција била истечена, а нејзиното продолжување не било направено. Дополнително за компанијата не била ставена ниту негативна референца, обврска која Министерството за внатрешни работи ја имало согласно со Законот за јавни набавки.
Во меѓувреме тогашниот помошник министер доставува информација во која го информира министерот Оливер Спасовски за целата постапка, вклучувајќи ги аномалиите и неправилностите во неа, особено во делот на констатациите и забелешките поврзани со квалитетот на чизмите, при што во еден од дописите до него сугерира дека „Законот за јавни набавки треба да се почитува, но не и слепо да се придржуваме кон неговите одредби„. Доставената информација е изготвена и потпишана од страна на помошник на министерот, а за содржината на истата согласност дал и тогашниот директор на БЈБ.
По доставување на информацијата до тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски во која биле наведени пропустите во постапката за јавната набавка тој дава насоки дека и покрај сериозните забелешки, пропусти и отстапувања постапката може да продолжи во следната фаза, односно договорот да не биде раскинат и чизмите да бидат испорачи.