„Тие кои ја направија провокацијата во Тетово и Чаир не се дел од државната власт, тие се дел од локалната. Ако заради некакви интереси на опозицијата, каде што ден пред настаните седеа со раководството на ВМРО-ДПМНЕ и ги договараа ваквите настани мислат дека со конфликти и меѓуетнички тензии ќе се допринесе добро за државата, тоа не е така“ изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Вести плус“ на Канал 5 во врска со посетата на косовскиот премиер Албин Курти на Тетово и Чаир.
Тој додаде дека тоа што се случи во овие две општини е направено во договор со опозицијата со цел да се испровоцира нарушување на меѓуетничките односи, но тоа нема да се случи.
„Оваа Влада е насочена кон градење на државата за сите граѓани, градење на меѓуетнички односи, создавање на општество еднакво за сите, каде законите ќе важат за сите“ рече Спасовски.
Министерот додаде дека граѓаните не сакаат веќе конфликти, туку сакаат мирна и безбедна средина во која ќе може да работат и да создаваат за иднината на своите поколенија.