Спасовски: Новата методологија отвора можност за суштинско унапредување на процесот на преговори

од Берта Китинска
189 прегледи

Посетата на министрите од земјите членки на ЕУ од групата „Пријатели на проширувањето“, според премиерот Оливер Спасовски, е израз на голема поддршка и силно пријателство на Северна Македонија со земјите претставени во групата, како и со сите други земји членки на Унијата и доаѓа во моменти кога нашата земја станува членка на НАТО и кога очекуваме позитивна одлука за почеток на преговорите со ЕУ.

Како што соопшти владината прес-служба, Спасовски денеска ја прими делегацијата од „Пријатели на проширувањето“, министрите за надворешни работи на Полска – Јацек Цапутович, Летонија – Едгарс Ринкевич, Литванија – Линас Линкевичиус и заменик-министерот за надворешни работи на Естонија – Март Волмер, кои се во дводневна работна посета на нашата земја.

Ја изразуваме нашата благодарност за вниманието и за отворените јавни изјави со поддршка за Северна Македонија и за што поскоро отворање на пристапните преговори, особено во претстојниов клучен период. Тоа се позитивни сигнали за нашата посветеност и храброст во спроведување на тешките реформски потфати, како и за постигнувањето на Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија и за спроведувањето на одредбите од тие договори, истакна Спасовски на средбата во Владата, на која присуствуваше и шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Премиерот рече дека новата методологија отвора можност за суштинско унапредување на процесот на преговори, за предвидливост и цврсто почитување на принципот на заслуги, и ја враќа кредибилноста на ЕУ во земјата и во регионот. Притоа нагласи дека земјава сака да биде пример за регионот во примената на новиот пристап. Очекуваме одлуката за преговори, истакна Спасовски, да биде означен почеток на еден динамичен и напорен процес.

– Министрите за надворешни работи на Полска, Летонија, Литванија и заменик-министерот за надворешни работи на Естонија, на оваа средба уште еднаш ја истакнаа нивната силна и непоколеблива поддршка за отворање на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ и потенцираа дека стратешката грешка за неодобрување старт на тој процес во октомври 2019 година ќе биде поправена во текот на претстојниот период, соопшти владината прес-служба.