Спасовски: Од суштинска важност е ефикасноста на кривично-правниот систем

158 прегледи

Министерот за внатрешни работи, денес констатираше дека начелото на пресумпција на невиност, начелото на законитост и пропорционалност и начелото на правично судење, заслужува целосна поддршка на Министерството за внатрешни работи.

„Како стожерен закон во истражно-обвинителскиот сегмент на спроведувањето на законите, Законот за кривична постапка ги дефинира и регулира местото и надлежностите на полицијата, отворајќи реално големи можности за подобро справување со криминалот на институционално или системско ниво, секако, истовремено овозможувајќи ни подоследно спроведување на законите, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“, посочи Спасовски.

Во рамки на своето излагање министерот посочои дека полициското функционирање низ нормативните механизми на овој закон, којшто овозможува не само модернизирана кривична постапка, усогласена со европското законодавство, туку и зајакнување на ефикасноста на кривично-правниот систем, е од суштинска важност.

„И тоа подеднакво, како во смисла на децидно и бескомпромисно почитување на полициските обврски преку пропишаните законски одредби, така и во смисла на почитување на полициските надлежности, без никаква дилема во нивната законита оправданост. Особено низ призмата на јавната опсервација на полициското постапување, а пред сè од аспект на почитувањето на човековите права и слободи“, вели Спасовски.

Министерот нагласи и дека проектот има за цел и натамошно квалитативно унапредување на правните прописи за полициско постапување, пред сè при употреба на средства за присилба, уште повеќе минимизирајќи ги сите евентуални консеквенци, што можат да предизвикаат каква и да е јавна реакција по однос на законитоста на полициското работење, елиминирајќи ја можноста за појава на т.н. „полициска бруталност“.

„Истовремено, проектот има јасна тенденција да им даде до знаење на полициските работници дека нема да бидат препуштени сами на себе во случаите на кривични постапки, каде се тие странки или оштетени, што пак, од аспект на синдикалните принципи на работење, претставува јасен израз на синдикална солидарност и професионална помош“, истакна Спасовски.

Спасовски во оваа прилика ја поздрави иницијативата на Македонскиот полициски синдикат која во наредниот период ќе се реализира низ сите организациони полициски единици на МВР.

Слични содржини