Сето ова што сака власта сега да го прикаже како некаква реформа која започнува со интерпелација на членовите на Судскиот совет, не преставува ништо друго туку упад во уставниот поредок во кој што законодавната власт сериозно сака да изврши притисок врз судската власт. Треба да има реформи, но, не започнуваат со интерпелација на пет членови на Судскиот совет, а останатите 8 судии остануваат внатре. Не може да стане збор за реформа, рече синоќа координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски во емисијата „24 анализа“ за денешната најавена интерпелација на повеќе членови на Судскиот совет.
Доколку сакаме реформа, додава Спасовски, Владата мора да излезе со план.
-Подаваме рака на власта во однос на спроведување на сериозни реформи, но, ова е жесток упад кој што досега се нема случено во државата во однос на законодавната власт врз судската власт, рече пратеникот.
-Дали ќе поднесете интерпелација за пет судии, јасно е дека ги поднесувате за изборот, но кажувам каква реформа ќе направиме ако кажеме дека пет се непогодни, а осум остануваат кои што можат да носат сериозни одлуки, додаде Спасовски.
Судскиот совет денеска ќе си тера по закажаната агенда. Кој сака да оди во Собрание ќе оди, а седницата ќе се прекине додека трае отсуството на членовите кои сакаат да ги слушнат аргументите за интерпелациите.
За опозициската СДСМ, интерпелациите се незаконски и сметаат дека се упад во независноста на судството. Владејачката партија, пак, е на став дека нивниот опонент се обидува да ги заштити судиите и обвинителите за да избегне одговорност.
Собранието денеска треба да ја одржи 40. седница, на чиј дневен ред се петте интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Зад иницијативата, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за нивното заминување од функциите ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.