Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за „Слободен печат“, Слободна Телевизија, во емисијата „НА КРАЈОТ ОД …“, одговарајќи на прашање за тоа кои се послабите точки во делот на безбедноста, рече дека не можат да се одминат глобалните ризици и предизвици бидејќи тие не не одминуваат.
„Кога зборуваме за безбедноста генерално не можете да ги одделите глобалните ризици и предизвици во делот на безбедноста, бидејќи тие не не одминуваат, напротив, во однос на справување со тие предизвици, сигурно дека имате секундарни влијанија кои допринесуваат за криминални актвности од друг аспект. На пример, миграцијата, таа е од 2015 година актуелна како глобален проблем, меѓутоа не датира од 2015, тогаш добива на интензитет, илегална миграција секогаш имало. Во 2015 и 2016 – 1.100.000 мигранти поминале низ територијата на државата. Тука, криумчарењето на мигранти, трговијата со дрога, криумчарењето на оружје итн, секогаш е поврзано со транснационалниот криминал којшто го имаме, нормално, организираниот криминал и корупција како феномени во општеството, не кај нас, секаде во светот. Меѓутоа овде, на овие простори, мислам дека сѐ уште треба да се јакнат многу механизмите на заштита, антикорупциските политики, елементи на заштита и во институциите. Во јавноста се гради таква перцепција, дека во државата треба да се одработи да нема корупција. да нема криминал – тоа не е вистинската цел. Да, треба да се сведе на минимум, а како? Преку мерки инструменти, а таму каде ќе се појави криминалот и корупцијата, ефикасно да реагира системот. Тоа е вистинскиот одговор на системот”, појасни министерот Спасовски.
На прашањето дали сѐ уште ни се преслаби институциите, министерот Спасовски беше категоричен дека таква констатација не е реална поради, како што кажа, фактот на индикациите, како што е Глобалниот индекс на мир 2022 година, според кој РСМ е најбезбедна на Западен Балкан, при што додаде:
„Ако се преслаби сите служби, тогаш овие индикации коишто ги имаме во делот на безбедноста нема да бидат на тоа ниво. Меѓутоа, дали може да се јакне капацитетот на сите служби уште – да, треба многу и во судството и во обвинителство итн”, додаде министерот Спасовски.
Во однос на прашањето за илегална миграција, министерот Спасовски истакна дека во регионот, Република Северна Македонија има најдобри резултати во справувањето со миграцијата и двојно зголемена ефикасност во откривањето, споредбено со 2021 година.
„Ние оваа година имаме зголемување на обидите за илегално преминување, ако споредиме со истиот период да речеме во 2021 година. Меѓутоа имаме намалување ако споредиме со периодот од 2020 година. Затоа, ако говориме за државите од регионот, РСМ има најдобри резултати во справувањето со миграцијата. Вториот момент е криумчарењето на мигранти, тука е клучната работа. Ние имаме речиси двојно зголемување од 2021 до 2022, двојно зголемување во ефикасноста во откривање на мигранти. Постојат групи со лица и од државата, а и имаме и странски државјани, најчесто тоа се лица кои се практично мигранти кои ја поминале рутата и учествуваат во тоа. Го знаат патот, знаат да ги направат комуникациите, меѓутоа за голем дел од овие нелегални активности, благодарение на таа стратешка поставеност на МВР на целата територија на државата, ние имаме одлична ефикасност”, подвлече министерот Спасовски.