Најавите на власта за спојувањето на АНБ и АР е само продолжување онаму каде што се застана во 2016 година кога имаше целосно непочитување и кршење на сите слободи и прва од тогашната власт, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на гостувањето на дебатната емисија „Вин-Вин“ на Телма.
– Самата најава на директорот на АНБ неодамна на Фејсбук, дека ова ќе биде последниот роденден на Агенцијата за национална безбедност, укажува на фактот дека ќе се оди кон укинување на службите, односно спојување и формирање на нова служба. Тоа сега никој не го бара од Македонија, затоа што веќе претходно се направи реформата. Со овој процес, дополнително се праќа пораката на сите вработени и во АНБ и во АР, ’или ќе се построите во текот на реформата или ќе имате проблеми во однос на селектирањето коешто ќе се прави во новата агенција‘. Ова создава една неизвесност и место тие луѓе да се ангажираат и да работат за државата, тие повеќе ќе мислат каде ќе биде нивниот статус во наредниот период, рече Спасовски.
Тој потсети на времето кога беше направена реформата во системот на следењето на комуникациите, но сега се слушаат и најави дека не станува збор само за спојување на двете служби на АНБ и АР, туку спојување и на Дирекцијата за безбедност на класифицираните информации.
– Што и да се понуди како предлог мора сериозно да се разгледа и да се вклучи научната и стручната јавност, невладиниот сектор, да имаме инклузивност во целиот овој процес. Дали така ќе биде? Според ова до сега што ни се случува нема да биде, туку напротив ќе се оди на носење на законски решенија на брза лента за да се формираат институциите коишто очигледно сакаат да биде по мерка на оваа владејачка гарнитура, рече Спасовски.
Тој се осврна и на меѓуетничките односи за кои рече дека, кога некој сака да се палат одредени тензии тогаш настануваат конфликти.
– Затоа и СДСМ повика на лидерска средба со која ќе се повика на разум. Но, одбивањето на овој предлог и од ВМРО-ДПМНЕ и од владејачките партии укажува дека немаат сериозен пристап кон менаџирањето на овие работи. Сведоци бевме дека премиерот најавуваше дестабилизација, а претседателката кажуваше дека нема индиции за нестабилност, што јасно укажува дека сето ова се користеше само за да се јакнат политичките структри, рече Спсовски.