Спасовски: Сторителите на тешки кривични дела не се опфатени со амнестијата

од desk2
61 прегледи

Со амнестијата беа опфатени затвореници осудени за полесни кривични дела. Сторителите на тешки кривични дела не може да бидат дел од оваа амнестија, рече министерот за внатрешни работи Олисер Спасовски по посетата на полициската станица „Јегуновце“, Тетовско.

Целта на амнестијата е растоварување на просторните услови во затворите и оти со неа е прецизирано за кои полесни кривични дела станува збор.

Законот за амнестија беше донесен во Собранието  на 15 јануари. Според Законот, со амнестијата не се опфатени лицата кои издржуваат доживотна казна затвор, убијците, педофилите, сторителите на тешки дела против државата и изборите и лицата осудени за дело кое го извршиле по 20 септември минатата година.

Во врска со денеска поднесената кривична пријава против 72-годишна жена од Тетово која лажно се претставувала во негово име и ветувала вработувања на жители од градот и околината, министерот Спасовски рече дека со пријавата се покажува дека борбата против криминалот и корупцијата ќе биде ефикасна.

Oвој случај бил пријавен од тројца граѓани по што за два дена по преземените мерки бил откриен идентитетот на жената која на вкупно пет граѓани во негово име им нудела вработување во МВР, но и во други институции како училишта и слично при што барала различни суми за тоа.

– Ова покажува дека ваквата злоупотреба ќе биде санкционирана согласно сите законски прописи со поднесена кривична пријава од наша страна. Останатото е работа на судот затоа што со лажното претставување се руши кредибилитетот како на функционерот, така и на институциите и затоа ние ќе продолжиме со ефикасна борба против вакви и слични појави, изјави Спасовски.

Тој ги повика граѓаните да пријавуваат вакви и слични злоупотреби и лажни претставувања без разлика дали станува збор за одредени носители на функции или институции.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски придружуван од заменик-министерот Агим Нухиу денеска ги разгледа просторните можности и условите за работа на полицајците од Полициска станица „Јегуновце“ во рамки на проектот „Опремена полиција, безбедни граѓани“.

– Новата зграда на ПС „Јегуновце“ е изградена во 2015 година, но таа не беше опремена со потребните средства. Но, затоа ние сега успеавме целосно да ја опремиме со што се придонесува за подобрување на условите на полицајците, а со тоа и за зголемена безбедност на граѓаните во државата. Ова ќе остане наш приоритет и за 2018 година за обнова и градба на нови објекти на полициски станици, опремување и подобрување на условите за работа на полицајците во сите општини низ државата, рече Спасовски.