Спасовски: Улогата на спортот во создавањето на здрав животен стил додава дополнителна вредност на неговото универзално значење

од Radmila Tasevska
271 прегледи

Денеска (07.12.2023), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на јубилејниот десетти по ред Меѓународен Симпозиум, во организација на Асоцијацијата на спортски новинари на Македонија, Македонскиот олимписки комитет, Агенцијата за спорт и млади како и спортските федерации во нашата земја, а на тема „Улогата на спортот во создавањето на здрав животен стил“.

„Во контекст на денешнава тема од вториот ден на Симпозиумот – „Насилството, криминалот и корупцијата во спортот“ во смисол на мал вовед дозволете ми да констатирам, а со тоа верувам дека се согласуваме сите овде, дека спортот денес на национално или глобално рамниште веќе се етаблираше, меѓу другото, и како дејност којашто создава и неспорни големи економски вредности. Се разбира, доколку тргнеме од оваа точка на опсервација говорејќи за економските капацитети и огромната популарност, како производи на стремежот кон врвни спортски достигнувања, неспорно е дека и спортот како впрочем и сите други економски дејности е под закана од потрагата по профит на незаконит начин. Колку се посилни националните капацитети за развој на спортската индустрија во иста мера силни се и предизвиците од незаконитоста, односно појавноста на класичен економски криминал, вклучително и појава на корупција подредена на големите профити”, потенцираше Спасовски во своето обраќање.

Притоа, осврнувајќи се на темата, тој истакна дека денес во Европа нема полициска служба која што не е свесна за таквите закани по спортот, по спортистите, по спортските работници и во крајна линија и по самите спортски љубители.

„Во тој смисол неспорна е потребата за тесна соработка меѓу спортскиот активизам и институциите за спроведување на законите во насока на одржување, зачувување и унапредување на сите оние доблесни вредности што спортот ги содржи и ги пренесува на луѓето: фер-плејот, заедништвото, солидарноста, вложувањето на реален труд, добрата волја и слично. Соработка, која што воедно ќе биде и своевидна превентивна брана од обидите спортот да се претвори во нешто што ниту му доликува, ниту пак припаѓа на неговата суштинска природа”, рече Спасовски, потенцирајќи ја важноста и улогата на медиумите, пред се’ на оној нивен специјализиран сегмент познат како спортско новинарство.

Во оваа прилика, министерот Спасовски му врачи награда на Дики Бојаџи за најдобар маратонец во пливање, посакувајќи му уште многу признанија, лична и семејна среќа.

Слични содржини