Спасовски: Во наредниот период ќе отвориме повеќе детали околу составот на идната Влада

од desk3
80 прегледи

Во рамките на редовните понеделнички средби во Централата на СДСМ вечерва се одржа средба на која гостуваа генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, претседателот на ОО СДСМ -Центар, Саша Богдановиќ и секретарот на ОО СДСМ -Центар, Ирена Станковска.

Генералниот секретар на СДСМ, Спасовски говореше за актуелната ситуација во Македонија и за принципите на кои треба да биде формирана идната реформска Влада, односно какви кадри се потребни за да имаме реформи. Го спомна и состанокот од петокот со движењето БЕСА и првичната средба ја оцени како позитивна, но дека ќе треба и во иднина уште многу да се работи.

Тој истакна дека засега нема поделба на ресори, дека се’ уште не се знаат кадровските решенија и дека информациите веднаш ќе бидат соопштени кога ќе бидат договорени.

„Очекуваме дека во наредниот период ќе отвориме повеќе детали околу составот на идната Влада, се’ со цел да постигнеме договор и со другите политички субјекти кои се дел, односно треба да бидат дел од новото парламентарно мнозинство“ – рече Спасовски.

Исто така на средбата се спомна и немилиот настан што се случи во Собранието на РМ на 27.04.2017, настан подобро познат како „црн четврток“; за раководните структури во МВР кои имаат директна командна одговорност за упадот во Собранието и за рушење на уставниот поредок и за тоа дека ќе мора истите да сносат одговорност.