Спасовски во Охрид во посета на Езерската полиција – акцијата „Безбедно лето“ носи резултати

од Radmila Tasevska
157 прегледи

Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска ја посети Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро”, таканаречената Езерска полиција при Регионалниот центар за гранични работи Запад, каде што оствари средба со раководството на таа организациска единица при МВР, а на која беше брифиран за преземените мерки и активности во врска со оперативниот план „Безбедно лето 2023” во периодот од почетокот на јули до средината на септември.

„Раководството на Полициската станица за граничен надзор ’Охридско Езеро’ ме информираше за преземените мерки во текот на летната сезона од страна на полициските службеници, при што биле извршени прегледи на 51 лице, на 18 пловни објекти, на 22 моторни возила, а исто така преземени се и девет заеднички патроли со инспектор за внатрешна пловидба. Воедно, изразив посебно задоволство од спасувачките акции кои ги реализираше оваа организациона единица, постапувајќи по 7 пријави пристигнати во СВР Охрид, при што во три различни настани биле спасени десет лица и извлечени од водите на Охридското Езеро, кои поради лоши временски услови имале проблеми со пловните објекти, а на едно лице му била укажана прва помош. Во рамки на овие активности успешно биле пронајдени и еден глисер без екипаж, како потоната педалинка, секако без екипаж”, истакна министерот Спасовски.

Во делот на надлежностите по Законот за внатрешна пловидба, биле откриени и санкционирани 27 сторители на 46 сторени прекршоци и тоа за непридржување на ограничувањата за пловидба, немање продолжено важност или неносење на пловидбената дозвола, управување странски пловен објект без да поседува Одобрение издадено од Капетанија на пристаништата – Охрид, како и немање или неносење Уверение за оспособеност. Во делот на надлежностите по Законот за рибарство и аквакултура, откриени и санкционирани биле петмина сторители и тоа за вршење риболов на риболовни води забранети за вршење риболов и движење и задржување во непосредна близина на риболовни води со носење на рибарски мрежи. Меѓу другото, откриен е и царински прекршок, при што привремено бил одземен еден пловен објект.

Министерот Спасовски истакна дека планот „Безбедно лето“ носи високи резултати и ја постигнува својата цел – да се подигне свесноста кај граѓаните, да се превенираат ризиците кои ги носи летната сезона, во интерес на нивната лична безбедност и безбедноста на границата.

Во делот на преземените превентивни мерки, реализирани се десетина тематски активности со фокус на високите температури, заштита од сончаница и топлотен удар, самостојно, но и заедно со волонтери од Црвениот крст во Охрид.  Притоа, остварена е непосредна комуникација со граѓаните кои пловат со пловни објекти по езерото, со цел потсетување за тоа како треба да се однесува при топло време и подолга изложеност на сончевите зраци, на кои им беше поделен и едукативен материјал со практични совети на летни теми.

Во оваа прилика, министерот Спасовски потсети на модернизацијата на пловниот парк и зајакнувањето на капацитетите на Езерската полиција, која после цели 20 години беше реализирана во 2020 година кога беа набавени пет пловни објекти, два од Буџетот на МВР, а три како донација од Чешката Република. Пловните објекти се опремени со професионални уреди за навигација, радар и затворена кабина за екипажот, а патролниот чамец е погоден за брзи интервенции во разни инцидентни ситуации и контроли на водениот сообраќај, особено во летниот период во сите три езера.

„На овој начин постигнавме зголемена ефикасност на припадниците на граничната полиција во секакви временски услови, како во делот на граничниот надзор и спречување на секаков вид прекуграничен криминал во езерата, така и во услови кога е потребно да се даде помош и спасување во водите на езерата од најразлични причини”, истакна министерот Спасовски.

Спасовски ја искористи можноста да и додели плакета на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро” како и благодарници на полициските службеници Седат Јашар, Ристо Буклиоски, Веџи Асани, Христијан Грозданоски и Ѓорѓи Целески, за преземање навремени мерки и активности при успешно реализираните спасувачки операции во рамки на „Безбедно лето 2023”.

Слични содржини