Сакам да ја информирам јавноста – Македонија има стабилна безбедносна позиција, позиција што не може да биде загрозена. И институциите што функционираат, и работењето на МВР и на другите институции задолжени за безбедноста, но и соработката што ја имаме на регионално ниво и пошироко, придонесува таа состојба да ја одржиме стабилна, да има безбедност за граѓаните, да има мир и да може Македонија да се развива“, оценува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Македонската информативна агенција.
Спасовски зборува и за активностите на разузнавачките служби во Македонија и регионот, како и за отвореното руско мешање во „македонските работи“.
„Во пресрет на референдумот ситуацијата во земјата е стабилна, институциите функционираат, иако постојат сили кои гледаат шанса, преку нарушување на безбедноста, да остварат некакви свои цели, да се спротивстават на нашето членство во НАТО и во Европската унија“, смета Спасовски и констатира дека, сепак, тоа се минорни сили, сили кои не можат да придонесат за дестабилизација.
-Значи, граѓаните на Република Македонија имаат можност на 30 септември да донесат самостојно одлука за иднината на оваа држава.
Реформата на МВР, посебно на УБК, формирањето на ОТА и ставањето на прислушувањето во строго контролирани законски рамки, или како што Спасовски вели „мора да направиме реформа на умот“, сепак, во моментов се доминантен дел од активностите на овој безбедносен ресор и неговото раководство во моментов.
Господине министер, како ја оценувате безбедносната ситуација во Македонија виза ви последните апсења на групата исламисти од Исламска држава што беа донесени во Македонија и посебно во пресрет на референдумот закажан за 30 септември?
Република Македонија се наоѓа на многу важна стратешка позиција и предизвиците од безбедносен аспект навистина се големи. Тоа не се само пред Република Македонија, и пред регионот. Меѓутоа, сакам да ја информирам јавноста – Македонија има стабилна безбедносна позиција, позиција која што не може да биде загрозена. И институциите, што функционираат, и работењето на МВР и на другите институции што се задолжени за безбедноста, меѓутоа и соработката која што ја имаме на регионално ниво и пошироко, придонесува таа состојба да ја одржиме стабилна, да има безбедност за граѓаните, да има мир и да може Република Македонија да се развива во просперитет.
Се случуваат настани. Еден од настаните беше и апсењето на исламските терористички борци кои беа на боиштата во Сирија. Вие знаете дека МВР заедно со Јавното обвинителство и со Судот веќе спроведуваат неколку такви акции: „Ќелија 1“ и „Ќелија 2“ и оваа е само уште еден голем придонес на Република Македонија во глобалната борба против тероризмот. И навистина е задоволство да добиете признание и како МВР, меѓутоа и како држава, за еден голем придонес во борбата против тероризмот. И од тој аспект сметам дека Република Македонија ќе продолжи и понатаму цврсто да ја поддржува таа глобална борба против тероризмот. Меѓутоа, и силно ќе се спротивставиме на сите облици на сериозен организиран криминал што посебно е значаен за овој дел од регионот, а за нас таа борба е многу важна во интегративните процеси.
Тука е и мигрантската криза која, исто така, е сериозен безбедносен предизвик, криза со која што Македонија досега успешно се справуваше, а успешно се справува и понатаму. За истакнување е дека го потпишавме договорот со ФРОНТЕКС исклучително важен за да можеме да имаме помош во заштита на границите и дополнително нашата билатерална соработка со неколку држави од регионот и од Европа, кои, заедно со нас, од декември 2015 година ги обезбедуваме границите на Република Македонија.
И во пресрет на референдумот треба да констатираме дека ситуацијата е стабилна, институциите функционираат, иако постојат сили кои гледаат шанса преку нарушување на безбедноста да остварат некакви свои цели, да се спротивстават на нашето членство во НАТО и во Европската унија. Меѓутоа тоа се минорни сили, сили кои не можат да придонесат за дестабилизација. Значи, граѓаните на Република Македонија имаат можност, имаат шанса на 30 септември да донесат самостојно одлука за иднината на оваа држава.
Значи, не е можна дестабилизација ни од внатре, ни од надвор, во пресрет на референдумот.
Да.
Српските медиуми и политичари пишуваа дека на целиот Балкан многу активни се разузнавачките служби. Српскиот претседател дури јавно предочи дека во Македонија и БиХ најагилни биле британските агенти и агентури. Колку тие помагаат или одмагаат, ако се присутни навистина, колку нивните интереси се испреплетуваат со нашите и дали тие роварат или откриваат завери и опасности за Република Македонија?
Јас реков дека таа геостратешка местоположба што ја има Република Македонија од страна е добра да се наоѓате на центарот на вниманието, би рекол, и на Балканскиот Полуостров и пошироко во Европа. Меѓутоа, тоа носи одредени ризици и предизвици и исклучително важно за одржување на безбедноста, за превенирање на многу состојби што се случувале во Република Македонија и во опкружувањето, за многу тенденции што биле негативни по безбедноста во Република Македонија, пред се, се должи на добро функционирање, на размена на податоци, на размена на искуства со пријателските служби со кои соработува Република Македонија. Ние мора да признаеме дека во изминатата година се обновија тие врски кои беа застанати во минатото и верувајте дека Република Македонија има многу пријатели кои помагаат, пред се, да ја одржиме стабилноста во државата, да се гарантира безбедноста – целовитоста на Република Македонија. Јас не сум тип кој постојано бара виновници кои роварат низ нашата држава. Тоа беше одлика за минатото време, одлика за минатата власт која кажуваше дека постојано некои странски служби роварат во Република Македонија. Напротив, сметам дека доброто функционирање на македонските служби, доброто функционирање на македонската полиција во партнерство со сите други служби, кои несебично помагаат да се справиме со сите овие глобални ризици и предизвици, е нешто плус за Република Македонија, а со тоа помагаме и во одржување на стабилноста на целиот овој регион и пошироко.
Министре конкретно, постои ли директно руско мешање во внатрешните работи на Македонија? Грците го открија рускиот тајкун Савидис. Русите и јавно, преку Амбасадата во Скопје, ни порачаа дека ни е грешка што сакаме во НАТО и дека дури ни испратија и отворена закана, дека ќе сме биле нивна легитимна цел. Колкава е реално опасноста од руско мешање и ако го има колкаво е тоа?
Видете, сосема е јасно, сите овие позиции што се поставени во прашањето се сосема јасни и отворени и ние ги знаеме. Ако разговараме за тоа дали ставот на Русија е дека Македонија не треба да биде членка на НАТО- да, тоа е нивен став. Меѓутоа, наш јасен став, национален, витален интерес за Македонија е да стане членка на НАТО и на Европската унија. Да, ни се случуваат одредени групирања на политички структури, на поединци итн. кои сакаат да се спротивстават на интеграцијата на Република Македонија во НАТО и ЕУ. Да, има такви структури, има такви поединци во Република Македонија кои сметаат дека заради задоволување на некакви свои лични интереси би го искористиле моментот за да се спротивстават на членството во ЕУ и НАТО, а на таа сметка да добијат некакво свое конто на политичка популарност. Меѓутоа, нема сили кои идеолошки се врзани и преку идеологија сакаат да се спротивстават заради тоа што не можат, немаат алтернатива на процесите кои ни се случуваат во земјата. Затоа, сметам дека Македонија е доволно цврста во своите намери да ја реализира својата цел – да биде членка на НАТО и на ЕУ. Ние со сите наши средства, механизми, со сите наши сили успеваме и ќе успееме и понатаму да се избориме и да опстоиме на патот на кој е трасирана Република Македонија уште во деведесеттите години, а тоа е модерна, демократска, слободна држава која треба да биде членка на ЕУ и на НАТО. Ниту сакаме да се мешаме во работите на некои држави, ниту од регионот, ниту пошироко, ниту, пак, смееме, ниту сакаме да дозволиме некој да наметнува свои интереси во Република Македонија.
Дел од тие политички структури кои се користат сега од руска страна, заговараат отворен бојкот на референдумот?
Видете, јас ги следам тие состојби како што ги следат и сите граѓани во однос на референдумот, во однос на поставеноста на политичките структури на референдумот. Прво, многу е важно секоја политичка сила во Република Македонија да има став во однос на прашањето на референдумот. Владата, парламентарното мнозинство, партиите кои го сочинуваат излегоа со јасен став дека сме за поддршка на референдумот, за поддршка на Македонија во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот со Грција. Тоа е јасен став и тој јасен став укажува на повик до граѓаните на Република Македонија да се искористи овој историски момент.
Од друга страна имате состојба во која што најголемата опозициона партија ВМР-ДПМНЕ, иако се декларира дека е за членство во ЕУ и НАТО, се уште не соопштува став за тоа дали е „за“ поддршка, дали е „против“ референдумот или за некаква трета опција. Немањето на став во политиката е многу важна работа. Полошо е дури и од ова „бојкотирам“. А за таа платформа „бојкотирам“, која се формира во Република Македонија, ние ја следиме, гладеме кои се тие луѓе. И тие имаат легитимно право да излезат со свој став. Меѓутоа, бојкотот не е став. Бојкотот не значи алтернатива. Јас сакам на граѓаните на Република Македонија доколку не е добар ставот за членство во ЕУ и НАТО, доколку перспективите преку НАТО и ЕУ за Македонија не се добри да ги видиме кои се другите решенија. Што е тоа што е добро за Република Македонија, како Република Македонија понатаму ќе ја гарантира сопствената безбедност, како ќе ја гарантира целовитоста, како ќе ги гарантира границите на државата, каде го гледаме економскиот раст и развој итн. За среќа мали и многу слаби се политичките сили, кои се и ретоградни, и јас сум убеден дека напредокот на Република Македонија ќе победи.
Една од главните забелешки на Рајнхард Прибе беше реформата на МВР, посебно на УБК. Се снимало, слушало и преслушувало, се заплашувало со години наназад. Со реформите што ги почнавте ја создадовте ОТА, но таа се уште не е заживеана. Затоа Ве прашувам дали таа ќе помогне прислушувањето да биде под контрола, односно дали во Македонија се уште се снима. Или оваа пракса веќе е прекината?
Ова е вистинско прашање и ние преку водењето на процесот на реформи сакаме да одговориме токму на ова прашање. Знаете, сите случувања во Република Македонија во изминатиот период што го нарушија угледот и дигнитетот на МВР, беа случувања што укажуваат на тоа дека мораме да имаме реформи. А една од најголемите случки е токму скандалот со прислушувањето, нарушувањето на човековите права, влегувањето во домовите на граѓаните и притоа користејќи го за дневнополитички и за лични интереси, за бизнис интереси на една елита која беше на власт. И тоа беа забелешките и на групата на Прибе, да се направат реформи во кои ќе се воведе систем за следење на комуникации што ќе гарантира почитување на човековите права и ќе гарантира минимум можност дека веќе нема да има злоупотреба на тој систем. Ние ја започнавме таа реформа. Таа реформа е поделена во два сегмента, едниот беше системот на следење на комуникации и вториот е реформата на безбедносните служби.
Првиот сегмент од реформата легислативно е завршен со носење нови законски решенија. Преку еден процес на широки консултации, на инклузивност донесен е новиот Закон за следење на комуникации во кој се предвидува формирањето на Оперативно-техничката агенција и наскоро за неколку дена очекувам дека ќе имаме и избор на нејзиниот директор. Со Законот е предвидено таа да стартува со работа на 1 ноември 2018 година. Значи, за неколку месеци ние треба да имаме почеток со работа на оваа Агенција. Дали таа ќе овозможи системот на следење на комуникациите да не се злоупотребува – да, тоа беше и целта. Досега сите медијациски уреди преку кои се вршеше следење на комуникациите беа сместени во МВР и МВР имаше увид во системот на следење на комуникации, без разлика кој орган надлежен за следење на комуникации тоа го прави – дали е тоа Царинската управа, дали е тоа Финансовата полиција, дали МВР…
Со формирањето на ОТА оперативно-техничката агенција ќе дава пристап до телеком операторите. Значи, ниту МВР, ниту Царинската управа, ниту Финансовата полиција нема да можат сами да имаат пристап до телеком операторите и тоа беше целта. Како да направиме институционална контрола и како да се зголеми системот на контрола понатаму преку јакнење на капацитетите на комисиите за надзор на работа на Управата за безбедност и контраразузнавање, граѓанскиот надзор како ќе го спроведеме итн. Така да, сметам дека овој процес на реформа е добар, систем применлив во земјите на ЕУ. Таков е хрватскиот модел што, пред се, се базира на почитување на човековите права.
Сега продолжуваме со реформа во безбедносните служби. Набрзо ќе отвориме една широка дебата за тоа каде ја гледаме УБК. Има неколку модели за кои вреди да се разговара со стручната, со научната јавност, со невладините организации и се надевам дека ќе дојдеме до конечно решение кое би било прифатливо за сите нас, кое би функционирало.
На крајот од краиштата, ние мораме да создадеме држава во која ќе имаме мала и ефикасна служба која ќе одговори на потребите на Република Македонија за заштита на уставниот поредок, за заштита од криминалот и притоа да изградиме систем во што ќе се прислушкува, ќе се следат комуникациите, меѓутоа тоа ќе се прави легално врз основа на наредби и одлуки на Судот, а не врз основа на желби на одредени поединци или на политички структури кои ќе го користат системот за свои лични интереси.
Мала дигресија. Веќе 20 години особено во безбедносните структури постои дилемата дали да дојде до спојување на Агенцијата за разузнавање и УБК или тие да си останат да работат одвоено, како досега. Во изминативе години имаше неколку обиди да се протурка таа дебата за спојување. Каква е ситуацијата сега?
Во оваа дебата за реформа на безбедносните служби се отвора и ова прашање. Јас сум подготвен да ги сослушаме сите аргументи во однос на постоењето на нашите безбедносни агенции и УБК и Агенцијата за разузнавање, дали тоа да биде една агенција или треба да постојат две, дали агенциите треба да бидат во состав на МВР или треба да излезат надвор од МВР. Јас не би сакал да правиме реформи кои би значеле само некаква шминка, корекција во македонското општество. Нас ни требаат темелни реформи. Јас како министер сум подготвен да правиме навистина темелни реформи. Не би сакал да прејудицирам, иако имам свој став во однос на ова, бидејќи ако мојот став го кажам пред започнување на сите овие дебати нема да се сфати правилно или зошто би била таа дебата во јавноста ако некој има сопствен став. Јас сакам ставот заеднички да го изградиме врз основа на аргументи што ќе бидат понудени на ваквите дебати и на крајот да останеме на тие принципи за ефикасна мала служба која може да ја штити Република Македонија, нејзиното уставно уредување и да ја штити од криминал.
Сега едно прашање кое што цело време лебди во јавноста. Дали можете да кажете кој, освен државните институции, има опрема за слушање, особено што од предметите на СЈО гледавме дека опремата не била уништувана според процедура. Има ли можност опремата за слушање да е на локации надвор од институциите и да се наоѓа кај други заинтересирани страни – партии, бизнис корпорации, поединци како што има обвинувања низ социјалните мрежи?
Видете, треба да биде сосема јасно дека целиот скандал со прислушување во Република Македонија е креиран и изведен во МВР. За тоа постојат докази, за тоа се водат судски спорови, што ќе докажат докрај врз основа на сите аргументи што беа, дека тоа е правено во УБК или во познатата Петта управа.
Прислушување од таков обем каков што беше во Република Македонија со таков опфат на луѓе, а вие знаете дека беа предадени околу 1.100.000 разговори, не знам уште стотина илјади пораки што биле во комуникацијата итн., укажува на еден сериозен комплексен систем и тој систем го има само државата и таков систем не може да се креира и не може да има никој друг надвор од МВР. Сега и во медиумите и на социјалните мрежи посебно, знаете секој е експерт за секоја област и секој знае се во Република Македонија и секој пушта информации до јавноста. Меѓутоа едно е јасно – ние мораме институциите да ги стегнеме, институциите да ги реформираме, да создадеме вистински законски рамки во кои нема да има импровизација, законски рамки што ќе пропишуваат се и нема да биде оставено на слободна волја на ниту еден носител на функција или на позиција. И, на крајот на краиштата, ако сакаме да имаме успешен систем што ќе ја штити Република Македонија и нема да ја злоупотребува, а со тоа и нејзините граѓани, мора да направиме реформа на умот, тоа е најважна работа и најважната реформа е како да направиме реформа на умот и како сите ние сите да се реформираме.
Господине министер, дали МВР ја заврши истрагата за „27 април? Дали е тоа се што откривте за актерите. Каде се инспираторите? Зошто нема други апсења, кога има снимки, докази…. ?
Таа истрага за 27 април не е завршена. Истрагата ја води Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. МВР според Законот за кривична постапка работи по инструкции на Обвинителството. Зошто ова го кажувам? Знам дека можеби е познато, меѓутоа за најголемиот дел на македонската јавност оваа состојба законска е непозната и сите очекуваат дека МВР апси, осудува и затвора итн., што не е така. Туку тоа се прави врз основа на наредба на јавен обвинител и врз основа на одлуки на надлежниот суд. Така да, еден дел од работите, односно од обвинението што е покренато за 27 април веќе влегува во судска постапка, меѓутоа тоа не значи дека не се спроведуваат и други истражни дејствија, што можеби ќе дојдат и до инспираторите на овие настани и ќе дојдат и до други лица. Ние сакаме да знаете, и вие и македонската јавноста, дека перманентно, секојдневно работиме на детекција на лица кои беа внатре во Собранието на Република Македонија, утврдување на нивниот идентитет, нивната поврзаност, тие ги предаваме како информации во ЈО и врз основа на наредбите на ЈО ќе се постапува понатаму.
Во една прилика споменавте дека во МВР има лоша структура на кадри, но дека во него, сепак, важи и се применува принципот на хиерархија и субординација. Дали во Министерството има тивок судир на стари и нови кадри? Дали има опструкции на акции, дали има „заштитени мечки“? Викаат има луѓе што со огромни плати седат во канцеларии и ништо не работат и само прават сплетки.
Значи, МВР е една од институциите за која, кога ја преземав, реков кои три приоритети се важни за да успешно функционира, меѓутоа и да може Република Македонија да се потпре врз неа, како на столб на безбедноста. Прво, да имаме целосна департизација на институцијата, понатаму да имаме професионализација и трето, да имаме декриминализација. Кога зборувам за овие три принципи, јас де факто укажувам дека во МВР постојат луѓе кои ниту се професионални, кои освен партиска книшка не знаат ништо друго и луѓе кои се вплеткани дури и во криминални активности. Дали се преземени мерки против ваквите луѓе во изминатива година – да. Преземени се многу мерки и во однос на водење на дисциплински постапки, меѓутоа и во однос на кривични постапки.
Ние имаме неколкукратно зголемување на предметите преку Одделот за внатрешна контрола, поднесени се многу кривични пријави против вработени, односно луѓе кои се дел од МВР. Вие бевте сведоци пред некое време, можеби пред месец дена, на апсење на неколку инспектори кои беа вклучени во криминални активности. Имавме апсење на инспектор во Штип за поткуп, имавме апсење на инспектор во Скопје кој беше дел од една мрежа која се занимава со продажба на дрога и ние со несмален интензитет ќе продолжиме и понатаму.
Важно е да им се даде шанса на огромниот број професионалци, кои се во рамките на МВР, а кои во минатото биле маргинализирани, кои наместо да биде искористен нивниот капацитет, знаење и искуство, доктори на науки, магистри од областа на безбедноста, беа расфрлани по станици низ Градот Скопје, низ Република Македонија, А за сметка на тоа имаше луѓе кои се на позиции со сомнителни дипломи, со сомнително образование. И во тој дел преземавме активности. Откривме дваесеттина припадници на МВР со фалсификувани дипломи кои се процесуирани понатаму. Затоа е потребно во тој систем на реформи на полицијата, што се прави врз база на Стратегијата за реформи на полицијата, усвоена во јануари 2016 година, да се направи еден систем на прочистување во рамките на МВР. Тоа е еден континуиран процес, тоа е процес што нема да заврши еднаш за секогаш, што нема да сопре, затоа што дадената шанса да бидете на одредена позиција во МВР не ви гарантира дека треба да останете вечно на таа позиција. Единствено резултатите, остварувањето на интересите на граѓаните можат да кажат за тоа каде и кој на кое место ќе биде во МВР. Јас сум среќен што имаме огромен напредок во работењето во МВР, што имаме огромен напредок во враќање на довербата на граѓаните во македонската полиција, што многу професионалци се вклучија активно да помогнат во работењето и тие принципи за кои говорев на почетокот ќе бидат принципи на работење, пред се, одговорноста и чесноста и понатаму во македонската полиција се со цел да ја јакнеме и понатаму довербата на граѓаните, а и заеднички да придонесеме за безбедноста.
Токму околу одговорноста, минатата недела на ваше барање беше сменет директорот на БЈБ. Функционерот направи грешка и одговараше за неа, но има обвинувања дека премногу лесно се откажавте од него односно дека Велковски е жртва на внатрепартиски пресметки, особено што многу други кадри на СДСМ изминатиов период направија и поголеми грешки и пропусти, а не беа санкционирани.
Овде апсолутно не станува никаков збор за внатрепартиски или какви било други пресметки. Имаме јасни и чисти позиции што ги поставивме како принцип на работење во МВР. Г. Велковски беше мој прв соработник и тој ќе биде повторно дел од МВР и целото негово искуство ќе биде ставено во функција и во интерес на Република Македонија. Пред една година тој беше единствен кандидат за директор на БЈБ, тргнувајќи од неговата професионалност и одговорност во работењето. И на него и на директорот на УБК и на членовите на мојот кабинет им беше укажано кои се принципите што ние мораме да ги почитуваме. И уривањето на таквите принципи, непочитувањето – дали е тоа со намера или без намера, тоа воопшто не е важно. Ние мораме да покажеме принцип на одговорност пред граѓаните на Република Македонија. За тоа се боревме. Ние имавме период на Република Македонија 11 години во кој немаше никаква одговорност. Ние се боревме и се правеа сите тие протести и „шарена револуција“ и се останато што беше во изминатиот период да смениме начин на однесување, да смениме начин на владеење, да покажеме дека сме поинакви, дека може поинаку да се функционира во институциите на системот и ова е само одговор на ваквите принципи што тука сме ги поставиле и тоа беше сосема јасно. И затоа мислам повеќе од јасно е дека правењето на каква било грешка што ќе ги руши ваквите принципи ќе носи и одговорност. И ова е порака и до сите, не само во МВР, тоа е порака и до другите институции дека мораме да бидеме одговорни. Ако во институцијата ние не сме одговорни, ако ние први не ги почитуваме тие принципи, тогаш тешко можеме да ги убедиме македонските граѓани дека сакаме да постигнеме држава која што ќе се базира пред се на вакви принципи.
Вие сте и потпретседател на партијата. Важат ли тие принципи што овде ги спроведувате и во другите институции?
Мислам дека повеќе или помалку важат и во другите институции вакви принципи во кои ако имаме грешки треба да носиме одговорност. Мислам дека и за отчетноста и за транспарентноста е очигледно на ниво на Владата како и на кој начин тоа се спроведува. Јас разбирам дека после 11 години немање можност да ги искажете сите работи во јавноста кога ќе се отвори таа можност пред македонската јавност дека јавноста е немилосрдна, дека јавноста сега и за ситен детаљ излегува во јавност и укажува на таквата појава. Меѓутоа за тоа не треба да се лутиме на граѓаните. Не треба да имаме замерки кон медиумите, туку треба самите да го сфатиме тој момент на сензитивност на јавноста и да се носиме со него. И во тој дел сметам дека секоја од институциите следејќи ги неколкуте примери, (и порано имавме разрешувања на директори кои не се однесуваа на соодветен начин) дека јакне свесноста за тоа како треба секој носител на функција да се однесува во Република Македонија.
Пред десетина дена во Македонија беа испорачани седум терористи од ИД, барани од МВР во акциите „Ќелија 1, 2 и 3“, а кои веднаш беа испратени во затвор. Дали сте сигурни дека тие по некоја година ќе бидат ресоцијализирани или има реална опасност од уште поголема нивна радикализација?
Видете, овој исламски екстремизам, радикализам, што се појави и во Република Македонија и во регионот, нас како држава не натера во тој период да пристапиме кон промена на Кривичниот законик и да да го санкционираме учеството во странски војски. Тоа беше репресивниот елемент. Тоа беше репресивен елемент за справување со последици од една таква состојба. Меѓутоа, тоа никако нема да значи целосно решавање на проблемот на насилниот екстремизам и радикализам. И токму заради тоа и апсењето на последнава група на наши државјани кои учествувале во војските во Сирија, меѓутоа и апсењата што беа спроведени врз основа на претходните оперативни акции „Ќелија 1“ и „Ќелија 2“, само во делот на репресијата го решаваат проблемот за оние кои веќе го направиле прекршокот. И веднаш по формирањето на Владата во јуни 2017 година ние се зафативме со обезбедување правна рамка за формирање на Национален комитет за борба против тероризмот и насилниот екстремизам. За тоа избравме и двајца координатори и двајца заменици, усвоивме две стратегии за борба против насилен екстремизам и борба против тероризмот. Тука треба да се развијат програми што ќе придонесат прво да имаме едукација, обука уште од најмали нозе, од најмала возраст на нашите граѓани за да не се дозволи да дојде до радикализација. Меѓутоа, и програми што ќе придонесат таму каде што имаме радикализирани лица како преку дополнителна работа, едукација, преку мерки да се дерадикализираат. Сметам дека соработката преку спроведувањето на овие стратегии што ги имаме, Националниот координатор, МВР, Министерството за правда и другите институции во иднина треба многу да работат и на луѓето кои се наоѓаат во македонските затвори, меѓутоа, и на луѓе кои се наоѓаат и надвор на територијата на Република Македонија, да се дерадикализираат, со еден соодветен идеолошки пристап на овој проблем, се со цел Македонија да може да каже дека успешно се справува со сиот тој процес на радикализам и екстремизам.
Досега беше познато дека најголемата опасност доаѓа од радикализираните имами. Ја држите ли ситуацијата под контрола? Знаете ли кои се, во колкав број се тие радикализирани имами, кои успеваат да продуцираат нови исламски терористи?
Тоа е генерализирање на состојбите, иако тоа не е само така. Тоа се прави преку одредени верски лица, но може на многу други начини да дојде до радикализација, преку социјалните мрежи и други фактори што придонесуваат за контакт со таквите лица, и преку пренесување на одредени пораки, за едно лице да биде радикализирано, да се приклучи кон група која е радикална, да учествува на една територија каде имаме воени жаришта итн. Важно е дека нашата служба е насочена комплетно кон следење на овој дел, како свој приоритет. Имаме одлична соработка со партнерски служби, имаме навремена размена на информации, на податоци, и сметам дека од овој аспект работата е под контрола. Состојбата, дури и со радикализацијата на граѓаните на Република Македонија, но во регионот, бележи тенденција на намалување, а вадливите вложувања во овој дел, и човечки капацитети и секакви други, навистина ќе придонесат да имаме успех во справување со состојбата.
И за крај едно прашање за вработените во МВР, посебно за нивниот материјален статус. Синдикатот во неколку наврати се жали на малите плати, дека не земаат пари за дежурства, за прекувремена работа, се жалат на опремата. Пред некој ден имаше прес-конференција дека во последните 10 години немаат купено ниту шапка, ниту униформа. Што планирате во тој дел да преземете за да се поткрене материјалниот статус на вработените?
Еден од врвните приоритети за мене како министер и за ова раководство на МВР беше како да ја стабилизираме финансиската состојба во МВР и како конечно да почнеме со опремување на македонската полиција. Ако немате опремени полицајци, ако немате мотивирани полицајци, вие не може да имате безбедна држава. И тоа е мото под кое што работи МВР во изминатиот период заради тоа што сметаме дека само опремена полиција може да има и безбедни граѓани. Веќе после формирањето на Владата, во јуни 2017 година, веднаш пристапивме кон набавка на опрема што беше потребна за полицајците и на униформи и на други материјално-технички средства. Јас кажував неколку пати, ние го затекнавме МВР со 30-ина милиони евра доспеан долг. Затекнавме долг за плати. Затекнавме една состојба што ни малку не беше добра од финансиски аспект, меѓутоа и од материјално-технички. Десет години немаше купено униформи, немаше купено чизми, немаше купено друга опрема што е потребна. Имаше само седум дрегери за алкотестирање во цела држава. Ние имавме само десеттина радари за мерење на брзината на возилата. Тоа укажува колку систематски е рушен овој систем. И на крајот, ако имате предвид дека само една третина од потребниот број полицајци го имате во Скопје тоа уште повеќе укажува дека рушењето на системот оди во таа мера не само преку материјално-техничките средства, туку и преку човечките ресурси. Затоа сега отворивме генерално постапки за набавки, еден добар дел од опремата е пристигнат, веќе се користи, еден добар дел од униформа очекуваме да пристигне. Се договоривме со Синдикатот, разговаравме и во делот на покачување на платите веќе од декември 2018 година македонските полицајци, полициските службеници кои биле запоставувани во сите овие изминати години, и тоа зборувам токму за полицајците кои се на терен, ќе имаме покачување и на нивната плата. За наредната година разговараме и во рамките на Буџетот да обезбедиме финансиски средства за зголемување на платата на сите вработени во МВР за пет проценти и на тој начин да се подобри статусот и мотивацијата на македонските полицајци.
Инаку, има прашања, но тие прашања требало да ги упатат или треба да ги упатуваат на некои другиа адреси. Навистина и јас секојдневно прашувам зошто македонската полиција 10 години нема униформа, или зошто такви набавки не се правеле. Или зошто за изминатите 10-11 години не се подобрувани условите за работа во полициските станици. Ако ние за шест месеци минатата година реконструиравме шест полициски станици и набавивме нова опрема – мебел за три нови полициски станици, и тоа од буџет што беше креиран пред нас. Оваа година определивме уште еден милион евра за реконструкција на полициски станици и веќе е започнато со реконструкција. Многу скоро ќе имаме можност и пред вас медиумите, пред македонските граѓани, да покажеме каде и во кои полициски станици се направени реконструкции, подобрени се условите за работа. Сето тоа само укажува на посветеноста на ова раководство на МВР да направиме се да ги подобриме условите за работа, да ги мотивираме македонските полицајци и со тоа да ја зголемиме безбедноста.
Важно е многу во целиот овој процес, покрај набавки, покрај подобрување на услови за работа да ја обновиме и врската помеѓу граѓаните и македонската полиција. Таа недоверба што ја имаше во институцијата ги прекина контактите, ги прекина врските. Македонските граѓани беа демотивирани да дадат информации на полиција, демотивирани да пријават случаи на корупција и на криминал заради тоа што секогаш имаше некој кој ќе ги заштити криминалците визави граѓаните на Република Македонија. Затоа и тука работиме да ја обновиме врската и сите заедно да придонесеме нашата Република Македонија да биде побезбедна.
Ќе се врати ли позорникарот на улица?
Да, позорникарот е вратен веќе во неколку сектори во Република Македонија, во СВР Куманово, во Битола, во Штип, во Тетово. За Скопје зависно од бројот на зголемувањето на полициските службеници така ќе ја враќаме и позорната служба. Реков дека тука, во Скопје, и во СВР Охрид сме со најмал број на полицајци, меѓутоа тоа е процес што трае – како ќе се зголемува бројот на полицајци, ќе се зголемуваат и позорните реони. Вие и сами сте сведоци дека видливоста на полициските службеници на скопските улици придонесе и за подобра атмосфера, подобар сообраќај итн. Тоа е многу важно ако сакаме да имаме и зголемена безбедност