Кина најави дека од понеделник нејзин специјален претставник ќе ги посети Украина, Русија и другите европски земји за да разговара за „политичко решение“ за војната во Украина.
„Почнувајќи од 15 мај, амбасадорот Ли Хуи, специјалниот претставник на кинеската влада за евроазиски прашања, ќе оди во Украина, Полска, Франција, Германија и Русија за да разговара со секоја од страните за политичко решение на украинската криза“, изјави денеска за новинарите портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Ванг Венбин.
Тоа ќе биде највисокиот кинески дипломат кој ќе замине во Украина од почетокот на руската инвазија кон крајот на февруари 2022 година.
Кинескиот претседател Си Џинпинг минатиот месец разговараше телефонски со неговиот украински колега Владимир Зеленски.
По тој повод Кина најави дека Ли Хуи ќе ја предводи делегацијата која ќе ги посети Украина и другите земји, но датумот тогаш не беше прецизиран.
Ли Хуи е поранешен заменик-министер за надворешни работи на Кина и специјалист за поранешниот советски простор. Тој беше кинески амбасадор во Русија 10 години, а со тоа и во редовен контакт со рускиот претседател Владимир Путин.
Кина тврди дека отсекогаш одржувала дијалог со Украина на дипломатско ниво и дека има неутрален став кон конфликтот, иако има привилегирани врски со Русија.
Во февруари кинеското министерство за надворешни работи го објави својот став за кризата во Украина во 12 точки, во кои повика на почитување на територијалниот интегритет на сите земји, вклучувајќи ја и Украина.