Специјалното обвинителство на Косово подигна обвинение против министерка и уште тројца за злоупотреба на службена должност и откривање службени тајни

Како резултат на нивните постапки, според Обвинителството, буџетот на Косово е оштетен за 2,9 милиони евра

од Vladimir Zorba
7 прегледи Фото: Фејсбук/Розета Хајдари

Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинение до Основниот суд во Приштина против четири лица, вклучувајќи ја и досегашната министерка за индустрија, претприемништво и трговија Розета Хајдари, под сомнение за кривични дела поврзани со злоупотреба на службена должност и откривање службени тајни, објави Косовската радиотелевизија.

Во вчерашното обвинение, Хајдари, двајца вработени во Министерството за индустрија, претприемништво и трговија – Ирфан Липовица и Хафиз Гара – се обвинети за дејствување во договор во периодот февруари-март 2022 година, злоупотребувајќи ја својата службена положба во корист на други лица. Како резултат на нивните постапки, според Обвинителството, буџетот на Косово е оштетен за 2,9 милиони евра.

Во соопштението од Обвинителството се вели дека тие му откриле службена тајна на четвртиот обвинет, бизнисменот Ридван Мухареми, со тоа што му дале информации за локацијата на државните резерви, иако биле свесни дека според закон овие информации претставуваат државна тајна.

Мухареми е обвинет за соучество во извршување на кривичното дело злоупотреба на службена должност.

Хајдари во објава на Фејсбук изјави дека нејзиниот адвокат ја информирал за обвинението и дека ќе даде изјава за медиумите откако ќе го види целиот текст на документот.