Најновиот филм за тајниот агент Џејмс Бонд “Спектра” ги урна британските кинорекорди, достигнувајќи ја најпрофитабилната прва недела по пуштањето на екраните во Велика Британија.
Од премиерата на 26 октомври за една недела лентата за Бонд заработила 63,8 милиони долари. “Спектра” го победи досегашниот рекорд на претходната лента за Агент 007 “Скајфол”, кој беше лансиран во кината во 2012 година. Тогаш тој успеа да собере 59,2 милиони долари за седум дена.
“Ние сме фасцинирани од тоа дека на публиката во Велика Британија и Ирска продолжуваат да ѝ се допаѓаат приказните за еден од најголемите и култните ликови”, рече Питер Тејлор, извршниот директор на британскиот огранок на “Сони пикчрс” – филмско студио на лентата.
На меѓународно ниво “Спектра” заработил вкупно 80,4 милиони долари – бројка што ќе се зголеми значително по претстојната американска премиера на 6-ти ноември.