Специјалната олимпијада Македонија и Здружението ХEРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување – Скопје, вчера во рамки на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, отпочнаа кампања низ која во фокус ќе бидат ставени здравите животни стилови и сексуално-репродуктивно здравје на лицата со интелектуална попреченост.
Националниот директор на Специјална олимпијада Македонија, Драган Караџовски, посочи дека се многу среќни за оваа можност за соработка затоа што, како што рече, само така ќе може да се работи активно во рушењето на табуата и во интеграцијата на лицата со интелектуална попреченост.
„Здравјето и здравиот спортски дух на нашите атлети, а преку тоа и на лицата со интелетуална попреченост е наша примарна цел и затоа се надевам дека оваа соработка ќе ни овозможи да ги кренеме свесноста за нив на едно повисоко ниво и услугите на Хера, да им бидат лесно достапни на нашите атлети“, посочи Караџовски.
Исто така, квалитативните истражувања, спроведени од ХЕРА, укажуваат на тоа дека здравствените установи не се физички пристапни, а здравствените работници и соработници најчесто не се подготвени да разговараат за различните потреби што луѓето со попреченост ги имаат во оснос на сексуалноста и сексуалното и репродуктивно здравје (СРЗ).
„Обично, овие теми се дискутираат само ако лицето со попреченост се соочи со одреден проблем. Токму затоа, преку кампањата на социјалните медиуми во следната недела ќе го подигнеме гласот за важноста пристапни и достапни услуги за сексуално и репродуктивно здравје. Спортувањето и грижата за здравјето не смеат да се запостават ниту во услови на пандемија“, велат пак од ХЕРА.
Од таму информираат дека во следниве денови атлетите од Специјалната олимпијада ќе ги пренесат пораките на овие теми.