Мел Би најави собир на Spice Girls. Таа не откри детали од проектот на кој работат, но вели дека ќе се соберат сите девојки, вклучувајќи ја и Викторија Бекам, потврди Мел Би за The Sun.
Ова ќе биде нивен прв собир по 11 години, од нивниот култен настап на церемонијата на затворање на Олимписките игри во Лондон во 2012 година. Бекам не сакаше да им се придружи на своите колешки на нивната турнеја во Велика Британија во 2019 година. Тогаш рече дека е премногу зафатена со нејзиниот бренд за облека.
Ги финализираат последните договори
Но, Мел сега вели дека Викторија се согласила повторно да го земе микрофонот.
„Мојата теорија е дека ако нешто повторам доволно пати, тоа ќе се случи. Планираме да објавиме изјава. За што станува збор, не можам да кажам во моментов бидејќи само што ги финализираме конечните договори за да работиме заедно, сите пет Спајсици. Се што можам да кажам е дека тоа ќе биде нешто што навистина ќе им се допадне на фановите“, истакна Мел Би.
Иако Мел засега не сакаше да ги открие деталите, британските медиуми шпекулираат дека се работи за концерт во Гластонбери.