Спортистите на ЗОИ во Пекинг мора да молчат за човековите права: Казна доколку не постапат „во духот на игрите“

од Vladimir Zorba

Спортистите кои ќе учествуваат на претстојните Зимски олимписки игри во Пекинг се предупредени дека ќе бидат казнети за однесување кое не е во духот на Игрите или правилата на Кина, изјави денеска претставник од организацијата на натпреварувањето.

Ова беше наведено откако организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч (ХРВ) организираше брифинг за да ги предупреди спортистите за опасностите од искажувањето на своето мислење на Зимските олимписки игри, кои почнуваат на 4 февруари во Пекинг, јави денеска Би-Би-Си.

На спортистите им беше речено „да молчат за прашањата за човековите права, бидејќи нема да бидат заштитени“.

Кина е обвинета за геноцид врз Ујгурите, што земјата го негира.

„Секој израз што е во олимписки дух, сигурен сум дека ќе биде заштитен, а секое однесување или говор што е спротивно на олимпискиот дух, особено против кинескиот закон, исто така подлежи на одредени казни“, рече заменик на генералниот директор на Одделот за меѓународни односи на Зимските олимписки игри во Пекинг – Јанг Шу.

Тој изјави дека можна казна може да биде одземање на акредитацијата на спортистот.

Запрашан за одговор, Меѓународниот олимписки комитет се повика на правилото 50.2 од неговите упатства, кои ја штитат неутралноста на спортот и игрите.

„Игрите се регулирани со правилата на МОК и тие ќе се применуваат во Пекинг, како и на сите други претходни игри“, соопшти МОК.

Во пресрет на Олимписките игри во Токио ова лето, МОК ја олесни забраната за спортистите, дозволувајќи им да ги изразат своите ставови за време на прес-конференциите, но политичкото изразување на подиумот сè уште е забрането.

Скијачот Ноа Хофман изјави дека се плаши за спортистите „поради неможноста за слобода на говорот“.

„Мојот совет до спортистите кои се таму и оние што одат таму е да молчат“, рече тој на семинар на ХРВ.

САД, Велика Британија, Австралија и Канада објавија дипломатски бојкот на Игрите во Пекинг и нема да испраќаат свои дипломати на натпреварот поради проблеми со човековите права во Кина.

Слични содржини