Фудбалската Суперлига заживеа на хартија, но не и во реалноста, бидејќи УЕФА ја крена на нозе половина Европа за да ги спречи повеќето од најбогатите клубови да формираат сопствено натпреварување. На крајот во тоа и успеа европската куќа на фудбалот. Но, некои клубови не се откажаа од првичната идеја, поради што иницираа тужби пред одредени тела на Европската унија.
Но, на нивна страна не е Комитетот за култура и образование на Европскиот парламент, кој со 29 гасови за, еден против и еден воздржан, усвои извештај во кој се бара од надлежните институции „да ја обликуваат европската спортска култура во согласност со вредности на солидарност, одржливост, инклузивност, отворен натпревар и правичност, со силно противење на „сепаратистичките натпреварувања кои ги поткопуваат наведените стандарди и ја загрозуваат стабилноста на целиот спортски екосистем“.
Тие особено повикаа на рамнотежа помеѓу комерцијалните интереси на професионалниот спорт и неговите општествени функции, што ќе се постигне со зајакнување на врските помеѓу основните нивоа и елитниот спорт. На пример, спортските федерации треба да воспостават механизам за солидарност за канализирање на ресурсите во аматерски и основни спортови.
Комитетот повика на решавање на родовата нееднаквост во спортот, со акцент на платите и еднаква застапеност во одборите на спортските организации и сака европските медиуми да обезбедат пофер покривање на машките и женските спортски настани.
„Земјите чии влади постојано ги кршат основните права и вредности повеќе не треба да можат да бидат домаќини на големи спортски настани. Земјите-членки и спортските федерации, исто така, треба да ги земат предвид човековите права и демократијата при изборот на спонзори за спортски настани“, се вели во извештајот.
Беше спомната и потребата од поголемо учество на политиката на ЕУ во спортот и повеќе средства за спортот.
„Нашата главна задача како пратеници е да го промовираме и заштитиме спортскиот модел заснован на вредности во Европа за следната генерација. Мора да работиме заедно против силите кои го загрозуваат овој модел. Затоа сме против затворената Суперлига на елитни европски фудбалски клубови. Спортот е право на сите. Тоа е нешто што целиот европски спорт мора секогаш да го поддржува“, посочи известувачот Томаш Франковски.
Во усвоениот извештај, европратениците препорачуваат, меѓу другото, поголема употреба во другите земји на правилото 50 + 1 од Бундеслигата и поголема транспарентност на пазарот на трансфери на играчи.
Парламентот ќе гласа за извештајот на пленарна седница во Стразбур (22-25 ноември).