Spotify отпушта 1.500 луѓе

од Stefanija Kuzmanovska
321 прегледи

Шведскиот музички стриминг гигант Spotify објави дека отпушта 17 отсто од својата работна сила, околу 1.500 работни места, поради зголемените трошоци. Ова е трета и воедно најтешка рунда отпуштања во 2023 година.

Извршниот директор Даниел Ек рече дека ја донел „тешката“ одлука поради „драматичното забавување на економскиот раст“. Spotify вработува околу 9.000 луѓе, а Ек рече дека е потребна „значајна акција за корекција на трошоците“ за компанијата да ги исполни своите цели.

Тој додаде дека разбира оти кратењата ќе бидат „неверојатно болни за тимот“.

„Сфаќам дека тоа ќе влијае на голем број поединци кои дале вредни придонеси. Но, да бидам искрен, многу паметни, талентирани и вредни луѓе ќе не напуштат“, изјави Ек.

Тој исто така изјави дека Spotify го искористил евтиното задолжување во текот на 2020 и 2021 година, кога централните банкари остро ги намалиле каматните стапки како одговор на заклучувањата поради пандемијата на коронавирус, но дека „сега се во многу поинаква средина“. „И покрај нашите напори да ги намалиме трошоците минатата година, нашата структура на трошоци е сè уште преголема“, тврди Ек.

Spotify објави дека има 9.400 вработени на крајот на третиот квартал од 2023 година. Таа веќе ја намали својата работна сила за шест отсто во јануари и за дополнителни два отсто во јуни, пренесува Би-Би-Си.

Големите технолошки компании, од Мета и Мајкрософт до Амазон и Алфабет, отпуштија голем број луѓе во текот на 2023 година, бидејќи каматните стапки се зголемија и инвеститорите се фокусираа на намалување на трошоците за да го заштитат профитот.

Во своите најнови резултати, Spotify објави профит од 65 милиони евра во трите месеци до септември – негова прва квартална добивка по повеќе од една година – помогната од зголемувањето на цените и повисокиот број на претплатници.

Ек рече дека со оглед на неодамнешните „позитивни“ резултати, најавените кратења на работни места „ќе бидат изненадување“ за многу луѓе. Тој рече дека Spotify размислувал за помали намалувања во текот на 2024 и 2025 година, но одлучил дека се потребни подрастични мерки за подобрување на финансиските резултати на компанијата.

Со седиште во Стокхолм, Spotify е доминантен играч во глобалниот стриминг на музика и е една од ретките европски компании кои се спротивставуваат на американските ривали. Сепак, како што моментумот на глобалната економија ослабна, компанијата се воздржа од претходните големи инвестиции во поткастинг.

Всушност, откако беше лансиран, Spotify потроши многу пари за развој на бизнисот и обезбедување ексклузивни содржини како што се поткасти создадени од Мишел и Барак Обама, како и војводата и војвотката од Сасекс (Меган Маркл и принцот Хари).

Договорот на Хари и Меган ја чинеше компанијата 25 милиони долари, а само 12 епизоди беа испорачани две и пол години пред да заврши договорот во јуни. Коментирајќи ја содржината на подкастот, Ек претходно за Би-Би-Си изјави: „Вистината е дека некои од тоа функционираа, а некои не“.

Слични содржини