Индонезиската полиција пресретнала камион со повеќе од 200 кучиња кои требале да завршат на кланица, соопштија денеска локалните власти, како најнова победа на активистите кои се противат на консумирањето месо од овие животни.
Камион кој превезувал сè уште живи кучиња бил запрен во саботата вечерта во градот Семаранг, на големиот остров Јава.
Пет лица се уапсени и ќе бидат обвинети според прописите за заштита на животните, а се соочуваат со затворска казна до пет години.
„Информацијата ја добивме минатиот месец, но дури во саботата успеавме да го блокираме транспортот на 226 кучиња“, соопштија од полицијата.
Индонезија е една од ретките земји во светот која сè уште дозволува продажба на месо од кучиња и мачки, но кампањата против оваа практика расте, а некои градови, вклучувајќи го и Семаранг, воведоа локални забрани за трговија.