Урбанистичкото планирање, загадувањето на воздухот, одржувањето на комуналната хигиена, недостатокот на паркинг места и кучињата скитници се најголемите локални проблеми на граѓаните на Општина Карпош. Ова го потврдува спроведената теренска анкета на агенцијата „Рејтинг“, на примерок од 1.000 испитаници, во месец декември, во пресрет на носењето на новиот Буџет на Општина Карпош.
Оваа година, се испитуваше и мислењето на карпошани за начинот на кој Општина Карпош се справува со вирусот КОВИД – 19. Високи 74% од жителите се задоволни од обезбедувањето на средства за дезинфекција за училиштата. Исто така, повеќе од 60 % позитивно го оценуваат иницирањето на онлајн настава (на почетокот од пандемијата) и обезбедувањето на ИТ опрема за образовните установи.
Реконструкцијата на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1, со 70 % задоволство е оценета како најпозитивен проект. Повеќе од 60 % од граѓаните даваат „зелено светло“ и за новите маалски паркови и системи за наводнување, инклузивното игралиште на улицата „Веселин Маслеша“ во Карпош 2, како и реализацијата на Спортско – адреналинскиот парк и чистењето на теренот до бунарите на реката Лепенец (каде што е планирано ново зеленило).
И оваа година, граѓаните на Карпош изразуваат задоволство од двонасочната комуникација со општината и градоначалникот Богоев. Задоволни од комуникацијата на социјалните мрежи се 58 % од испитанаците, над 55 % имале позитивно искуство на општинските шалтери/канцеларии и e – mail комуникација, а 60 отсто се задоволни од телефонската комуникација со одговорно лице.
Повеќе од половина од испитаниците имаат доверба во општината и градоначалникот Стефан Богоев. Тие сметаат дека локалната самоуправа е главно посветена на решавањето на клучните проблеми на микро ниво.
Спроведувањето на оваа анкета го зголемува граѓанското учество при креирање на општинскиот Буџет. Претходно, Општина Карпош креираше и онлајн анкетен прашалник, кој беше пополнет од 806 граѓани. Сите забелешки и коментари на граѓани се проследуваат до општинските одделенија и сектори. Истите, во согласност со можностите и надлежноста се вклопуваат во буџетските програми, со цел да се создаде Буџет кои ги отсликува реалните проблеми на жителите од сите населби, велат оттаму.