Спутник V, Фајзер, Оксфордска, Модерна: Како функционираат вакцините против коронавирус?

од Nikola Popovski
545 прегледи

Во деновите кога првите луѓе на планетава надвор од лабораторија, ja примаат вакцината против коронавирус, издвојуваме како функционираат четирите водечки вакцини и што ги прави специфични.

Фајзер

Оваа вакцина, за која производителите тврдат дека е ефикасна 95 проценти, користи целосно експериментален пристап кој вклучува инјектирање на дел од генетскиот код на вирусот или РНК за зајакнување на имунолошкиот систем. Претходните студии покажаа дека вакцината го обучува телото да создава антитела и Т-клетки за борба против коронавирусот.

Потребни се две дози во период од три недели, а како што е наведено од д-р Алберт Бурла, претседател и извршен директор на „Фајзер“, заштитата се постигнува 28 дена по почетокот на вакцинацијата. Исто така, членката на одборот на директори на „Бионтек“, д-р Озлем Туречи, изјави дека нивната вакцина против коронавирус е безбедна и за луѓето кои веќе прележале Ковид 19.

Меѓутоа, од друга страна, поради недоволно истражување, британската влада препорача бремените жени, доилките, жените кои планираат да забременат и оние со слаб имунитет да не ја примаат оваа вакцина.

Најголемиот недостаток на вакцината „Фајзер“ е тоа што мора да се чува на минус 70 степени Целзиусови за време на дистрибуцијата и складирањето.

Руската вакцина

Вакцината „Спутник V“, произведена од Институтот за научно истражување „Гамалеја“, на 11 август доби потврда за регистрација од руското Министерство за здравство, со што стана прва регистрирана вакцина против коронавирусот во светот и тие тврдат дека е над 90 проценти ефикасна

Неодамна, аналитичарите од„Кредит Свис“ истакнаа дека вакцината „Спутник V“ се издвојува затоа што се користат два различни аденовирусни вектори за првата (rAd5) и втората (rAd26) доза на вакцината. Очигледно, ова овозможува надминување на проблемите поврзани со можното присуство на веќе постоечкиот имунитет на овие човечки вектори, нагласуваат аналитичарите.

Српскиот имунолог Емина Милошевиќ за српските медиуми ги објасни разликите помеѓу вакцината на Фајзер и руската вакцина против корона.

„Како и „Фајзер“, така и руската вакцина „Спутник V“ носи информации за синтеза на протеинот на вирусот потребен за влегување во клетката. Во вакцината Фајзер, таа информација е во форма на РНК, а во Спутник V, информацијата ја носи аденовирусот, што е ДНК. Постои поголема разлика: РНК брзо се деградира, па затоа потребата да се чува на многу ниска температура, но кај руската вакцина постои страв од помала ефикасност кај луѓето кои имаат антитела кон аденовирусите“, објаснува д-р Милошевиќ.

Според неа, за руската вакцина нема податоци дека е тестирана на хронични пациенти, иако за двете вакцини, производителите известуваат за слична ефикасност и можност за спречување на болеста.

Неодамна, руската служба за фитосанитарен надзор ги усвои правилата за транспорт и складирање на руската вакцина Спутник V. Ќе се транспортира во термални контејнери на температура од -18 и пониска и ќе се чува во замрзнувачи.

Оксфордската вакцина

Вакцината, развиена од Универзитетот во Оксфорд, е ефикасна од 62 до 90 проценти кај луѓе кои развиваат симптоми на Ковид-19, покажа големо истражување. Се смета за ефтина. Предностите на оваа вакцина се дека е ефтина и лесна за чување и транспорт. Вакцината е направена со употреба на аденовирус кој напаѓа шимпанза. Тоа е безопасен, ослабен аденовирус кој обично предизвикува настинки кај шимпанзата. Тој е генетски модифициран така што е невозможно да се развие кај луѓето. Имало проблеми за време на испитувањето со вакцини, но се покажало дека испитаното лице кое починало никогаш не примило вакцина, туку плацебо.

Исто така, се планираат почетни дози на вакцината Фајзер за ЕУ ​​и САД, а снабдувањето со „Модерна“ ќе биде поврзано со САД барем во првата половина на 2021 година, така што во светло на тоа, вакцината Оксфорд / Астра Зенека е навистина добра вест за остатокот од светот, изјавила Андреа Тејлор, асистент директор на програмата во „Duke Global Health Innovation Center“, за Си-Ен-Ен.

Имено, „Астра Зенека“ вети дека ќе испорача стотици милиони дози во земјите со ниски и средни прихои д и дека вакцината ќе им ја доставува на непрофитна основа на овие земји на тековна основа.

Модерна

Американската компанија „Модерна“ објави дека нивната вакцина против Ковид-19 покажува 95% ефикасност. Тоа е РНК вакцина – што значи дека дел од генетскиот код на коронавирусот се инјектира во телото. Тогаш телото почнува да произведува вирусни протеини, но не и целиот вирус, што е доволно за да го обучи имунолошкиот систем да напаѓа.

Треба да го обучи телото да прави и антитела и Т-клетки за борба против коронавирусот.

„Нашите резултати покажуваат дека оваа вакцина може да спречи да се разболите, но исто така може да спречи сериозни болести. Тие не покажуваат дека оваа вакцина може да ве спречи привремено да го носите вирусот и да заразите други“, признал Тал Закс, еден од медицинските експерти што стојат зад вакцината.

Слични содржини