Крвавата бања во Чарлстон, при што еден бел расист уби деветмина црни христијани,ги извади и изложи во јавноста два од најголемите проблеми на Америка: расизмот и силата на оруженото лоби. Коментар од Миодраг Сорич:
Што земја е тоа, во која претседателот е де факто немоќен пред едно лоби? По крвавата бања во Чарлстон, Јужна Каролина, претседателот Барак Обама дури и не инсистираше на построги закони за поседување на оружје. Можеби затоа добро знае дека моќното оружено лоби ќе се погрижи се да остане по старо. Скоро секој во САД може да купи за незначителна сума оружје – и да убива луѓе со него.
А ако убиецот беше муслиман?
Што земја е тоа во која политички мотивираните кривични дела се мерат со двоен аршин? Ако убиецот од Чарлстон беше муслиман, секој во Америка би зборувал за “терористички чин”. Но, кога еден бел расист (по сè изгледа дека мотивот за злосторството е токму расизам) убива црнци христијани во една црква, политичарите и медиумите не отвораат и збор за тероризам. Сите сакаат да велат дека станува збор за маж кој е “психички неурамнотежен” или едноставно “луд”.
Што земја е тоа во која слободите одат толку далеку што фактички толерираат поттикнување на омраза? Само во Јужна Каролина има најмалку 16 расистички групи кои проповедаат супериорност на белата раса. Болното размислување на Кју-Клукс-кланот е уште живо во САД, но кога ќе ги прашате Американците за тоа, се соочувате со молчење.
Расизмот ја убива Америка
При тоа токму овие расистички идеи воодушевуваат убијци како напаѓачот од Чарлстон. Слободните закони дозволуваат таквите како него да поседуваат оружје, а корупцијата и ненаситноста му пречат на Конгресот да го ограничи влијанието на оруженото лоби.
САД можат да се прекрасно место. Луѓето се гостопримливи,ја сакаат слободата и земјата. И воопшто не се малку странците кои сонуваат да живеат таму. Ако сепак сака да просперира и оттука натаму, Америка мора да се промени. И да се искорени расизмот, бидејќи тој ја растура самата ткаенина на американското општество. Никој не го сфаќа ова подобро од Барак Обама. Но дури најмоќниот човек на планетата изгледа немоќен пред тоа големо зло.
