Српската премиерка Ана Брнабиќ по средбите со државниот врв на Грција најави дека Србија и Грција следната недела ќе потпишат договор за укинување на надоместоците за роаминг.
Брнабиќ во пресрет на Економскиот форум во Делфи, имаше состанок со премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и претседателката на таа земја, Катерина Сакеларопулу, соопшти српската Влада.
По средбата со Сакеларопулу, Брнабиќ изрази благодарност за поддршката што Грција ја дава за европскиот пат на Србија и за застапувањето на процесот на проширување на Европската унија.
По состаноците со грчкиот државен врв, Брнабиќ објави дека Србија и Грција ќе потпишат договор за укинување на роамингот следната недела.
„Преговаравме за договор за роаминг со Грција, според кој нашите граѓани кои ќе дојдат во Грција повеќе нема да плаќаат тарифа за роаминг во странство, тоа ќе биде како локален повик и испраќање СМС пораки“, објасни премиерката на Србија.