Средба Блинкен – Абас во Рамала

од Radmila Tasevska
228 прегледи

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Рамала се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас со кого разговараа за „итната потреба од мерки за подобрување на безбедноста и слободата на Палестинците на Западниот Брег“.

Блинкен, исто така, ги истакна американските напори за забрзување на испораката на хуманитарна помош за Газа и го осуди насилството на израелските доселеници врз Палестинците на Западниот Брег, кое значително се зголеми по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас. Блинкен му рекол на Абас дека САД „ќе продолжат да инсистираат на целосна одговорност за виновниците“, соопшти Стејт департментот.

– Секретарот повтори дека САД остануваат посветени на унапредување на опипливи чекори за палестинска држава, се додава во соопштението.

Според официјалната палестинска новинска агенција Вафа, Абас ја нагласил потребата да се постигне траен прекин на огнот во Газа, да се поштедат цивилите од бомбардирање и да се зголеми протокот на хуманитарна помош во Појасот.

Абас, исто така, наводно, му предал на Блинкен „сеопфатно досие кое го документира израелското окупациско злосторство во Газа и на Западниот Брег, вклучувајќи го и Ерусалим“, коментира Вафа. Тој го повикал Блинкен да изврши притисок врз израелската влада да ги запре „репресивните мерки“ кои наводно се спроведуваат против палестинските затвореници во израелските затвори и да стави крај на протерувањето на Палестинците на Западниот Брег, особено во долината Јордан.

Палестинскиот претседател ја повтори посветеноста на палестинските лидери да преземат одговорност за народот во Газа, инсистирајќи дека крајбрежната енклава потпаѓа под јурисдикција на „Државата Палестина“. Тој, исто така, повика на воспоставување палестинска држава на Западниот Брег, Источен Ерусалим и Газа, со полноправно членство во ОН.

Слични содржини