Средба Џафери-Ал-Саман: Зајакнување на соработката, особено на економски план

од Radmila Tasevska
418 прегледи

Кралството Саудиска Арабија и Северна Македонија досега имаат добри и пријателски односи, но потребно е интензивирање и зајакнување на меѓусебната политичка комуникација на секое ниво. Ова се дел од заклучоците од  денешната средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со министерот за правда на Кралството Саудиска Арабија Валид бин Мухамед Ал-Саман.

Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, истакна дека ваквите посети од високи претставници на Саудиска Арабија ќе бидат поттик понатаму за зајакнување на соработката на повеќе нивоа, особено на економски план.

Претседателот Џафери исто така ја нагласи потребата од интензивирање и на парламентарната соработка и ги поздрави досегашните прифатени иницијативи од страна на Саудиска Арабија за потпишување на повеќе билатерални договори во разни области.

– Претседателот на Собранието ја потенцираше нашата стратешка определба како држава да бидеме дел од НАТО Алијансата, што и го постигнавме, и полноправна членка на Европската Унија, во која насока се уште работиме. Ја осуди агресијата на Руската Федерација врз Украина и изрази надеж дека овие воени дејствија што поскоро ќе завршат, стои во соопштението.

На средбата присуствуваше и потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија Хусни Исмаили, кој воедно е и претседател на Парламентарната група за соработка со земјите од Блискиот Исток и Арапскиот залив. Тој ги поздрави гостите и изрази надеж дека оваа средба ќе биде поттик за интензивирање на понатамошната соработка.

Министерот за правда на Кралството Саудиска Арабија Валид Бин Мухамед Ал-Саман се заблагодари на приемот и на средбата со претседателот на Собранието, Џафери. Ги пренесе поздравите од највисоките претставници од неговата земја и притоа ја истакна важноста на зајакнување и интензивирање на идната соработка меѓу двете земји. Изрази уверување дека со потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу двете министерства за правда, ќе се создадат добри основи за идна институционална соработка и носење на регулативи во повеќе области од заемен интерес на двете страни.

Сите заеднички, како што се наведува, се заложија да дадат личен придонес во зајакнувањето на идната соработка на секое ниво.

Слични содржини