Средба на Ангелов со претставници на Синдикатот на вработените во Центарот и СОБ

од Stefanija Kuzmanovska
235 прегледи

Во Центарот за управување со кризи денеска се одржа средба на директорот на ЦУК Стојанче Ангелов со највисоките претставници на Синдикатот на вработените во Центарот (СВЦУК) и од Синдикатот на одбраната и безбедноста (СОБ).

Како што соопштија од ЦУК, средбата е континуитет на повеќето такви средби на директорот Ангелов со претставниците на Синдикатот – претседателот на СОБ, Ристо Ајтов, претседателот на СВЦУК, Владимир Зафирковски и потпретседателот на СВЦУК, Илија Бојаровски, во насока на општите разговори за идниот колективен договор за вработените во ЦУК, што би требало да се усклади и со неодамна донесениот Општ колективен договор за јавен сектор на ниво на држава.

„Од страна на синдикалните претставници беше образложено гледиштето дека, иако е постигнато зголемување на платите за дел од дежурните вработени во ЦУК, прв пат во 18-годишното постоење на ЦУК, сепак неодминливо е да се работи за да се оствари тоа зголемување на платата за 30 отсто и за вработени во други делови на Центарот. За таквите дејства и активности што се во прилог на зголемување на правата и на платата на вработените во ЦУК, Синдикатот секогаш инсистира и истовремено дава поддршка, бидејќи тоа е дел и од општествениот напредок во поширока стратешка слика“, се наведува во соопштението.

Притоа, на средбата, од двете страни беше изразено позитивно гледиште и меѓусебен респект во однос и на формалната, како и на суштинската соработка меѓу работодавачот, во случајот ЦУК, со Синдикатот на вработените во ЦУК (СВЦУК). Практично преку СВЦУК, како регионална основна синдикална организација на СОБ соработката се остварува по вертикална линија и со Синдикатот на одбраната и безбедноста, а и со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), стои во соопштението.

Слични содржини