Претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми, оствари средба со претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, и со претставници од овој Синдикат, на која, како што информираат било истакнато дека соработката помеѓу највисокиот суд во државата и Синдикатот на УПОЗ како единствен репрезентативен синдикат има исклучиво значење за социјалното партнерство.
-Судската служба има клучна улога за работата на судовите. Правата на судските службеници мора да бидат почитувани и ова особено се однесува на потребата од зголемување на платите. Барањата на судските службеници се легитимни и оправдани. Во време кога судството се соочува со одлив на кадар, проблемите на судската служба мора да бидат решени во најбрз можен рок, беше заклучено на средбата, објави Синдикатот на УПОЗ.
Претседателката на Врховниот суд Адеми, истакнала дека ќе вложи напори во рамки на своите надлежности да се изнајдат решенија за подобрување на статусот на судските службеници и во таа насока ги поддржала барањата на Синдикатот на УПОЗ. Нагласувајќи ја потребата од заемен дијалог, Адеми, како што информираат, посочила дека ќе иницира средба помеѓу надлежните институции и Синдикатот на УПОЗ.