Средба на претседателот Пендаровски со новоименуваните амбасадори на Република Северна Македонија пред нивно заминување на должностите

264 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими новоименуваните амбасадори на Република Северна Македонија пред заминување во странските држави кадешто ќе ги извршуваат своите дипломатски должности.

На средбата присуствуваа Сашко Тодоровски, амбасадор во Чешката Република, Горан Цеков, амбасадор во Јапонија, Светлана Гелева, амбасадорка и постојан претставник при Советот на Европа, Билјана Стефановска Сековска, амбасадорка во Комонвелтот Австралија, Бети Јачева, амбасадорка во Кралството Холандија, Драган Јордановски, амбасадор во Република Естонија, Лидија Бошковска, амбасадорка во Хеленската Република и Милаим Фетаи, амбасадор во Република Хрватска.

Претседателот Пендаровски на нашите амбасадори им порача дека од нив очекува првенствено и исклучиво да ги штитат интересите на Република Северна Македонија.

 „Очекувам да бидете проактивни во спроведувањето на нашата надворешна политика, соодветно да постапувате и одговорате на надворешно-политичките предизвици. Вам ви припадна привилегијата, но и големата одговорност да продолжите да работите на меѓународниот углед на државата“, истакна претседателот Пендаровски на средбата.

Претседателот им посака добро здравје и успех на нашите нови амбасадори во извршувањето на одговорните дипломатски ангажмани.

Слични содржини