Американскиот конгресмен Мајк Тарнер на денешната средба во Белград со српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ изрази надеж дека Србија и САД ќе ја подигнат соработката на повисоко ниво во сите области од заемен интерес.
Српското Министерство за одбрана соопшти дека Вучевиќ и Тарнер разговарале за соработката меѓу Србија и САД во областа на одбраната.
Вучевиќ истакна дека двете земји несомнено се стремат кон зајакнување на билатералните односи, со, како што наведе, јасна намера за продлабочување на соработката на полето на одбраната, без напуштање на рамката на планираната воена неутралност на Србија.
Тој рече дека во изминатите 17 години постоење на Програмата за државно партнерство на Министерството за одбрана и Армијата на Србија со Националната гарда на Охајо, реализирани се бројни активности.
Тој додаде дека тие имале значително влијание врз градењето на капацитетите на српските вооружени сили, „пред се, способноста да се вклучат во мултинационални операции“, се вели во соопштението.