Средба на Тошковски, Буши и Бојмацалиев со италијанскиот амбасадор Силвестри

од Radmila Tasevska

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев денеска имале работна средба со амбасадорот на Италијанската Република, Андреа Силвестри, соопштија од МВР.

На средбата, министерот Тошковски го запознал амбасадорот Силвестри со функционирањето на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада, кое има голема одговорност во спроведувањето на претстојните избори.

– Во таа насока, улогата на МВР е законито и професионално постапување во организирањето и спроведувањето фер и демократски изборен процес. Во тој контекст, министерот Тошковски укажа на неможноста согласно Закон да ги постави сите 15 раководни работници во министерството, се наведува во соопштението.

На прашање на амбасадорот Силвестри, како што се додава во соопштението, министерот Тошковски ги образложил преземените мерки со цел ублажување на процедурите за вадење на лични документи со цел граѓаните да можат на еден достоинствен начин да дојдат до својот личен документ. Во тој контекст, укажал и на почитување на правните процедури во однос на рокот на важност на патните исправи, ставајќи се во улога на заштита на човековите права во однос на слободното движење на граѓаните. Во однос на техничкиот рок на патните исправи согласно динамиката на нивно изготвување, министерот Тошковски побарал поддршка од Силвестри и Италија, околу можноста за негово пролонгирање без притоа да се наруши почитувањето на меѓународното право и основното човеково право на слободата на движење.

На средбата, амбасадорот Силвестри ја потенцирал улогата на министерствата за внатрешни работи насекаде во Европа и пошироко како гарант за безбедни, фер и демократски избори. Воедно ја поздравил успешната билатерална соработка меѓу двете држави и министерства за внатрешни работи, ставајќи притоа акцент на тековните проекти од аспект на зголемување на капацитетите на македонската полиција.

Министерот Тошковски изразил уверување дека соработката во рамки на веќе отпочнатите проекти меѓу двете земји ќе продолжи, но најавил и зголемување на обемот на соработката со Италијанската Република како наша долгогодишна пријателска земја.

Слични содржини